Skip to main content

Сѐ поголем е бројот на млади лица со висок крвен притисок во охридскиот регион

Охриѓани денеска покажаа голем интерес за бесплатните прегледи и совети од страна на докторите од Кардиолошката болница Св Стефан кои се одвиваа на градскиот кеј а по повод Светскиот ден на хипертензијата.
 |  Маја Савиќ  | 

Се зголемува бројот на лица со хипертензија на млада возраст во охридскиот регион. Од исклучителна важност е редовната контрола на крвниот притисок и превенцијата бидејќи покачениот крвен притисок е главен ризик фактор за срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни заболувања. Денеска на Кеј Македонија по повод светскиот Ден на хипертензијата доктори од ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања Св Стефан вршеа бесплатни прегледи на граѓаните, им даваа совети и информативни материјали.

Превенцијата е наш приоритет на која посветено работиме во установата, но ја користиме и секоја можност да излеземе меѓу граѓаните со цел подигнување на свеста од ризиците за кардиоваскуларни заболувања, вели директорката на Кардиолошката болница, Д-р Елена Коваческа Башуроска.

Тука сме да го потенцираме значењето на превенцијата од кардиоваскуларен настан и мозочен удар, физичка активност, здравата исхрана, одвикнување од пушење и практикување здрави животни навики. Има голема бројка на млади пациенти во Охрид и регионот кои имаат новооткриена хипертензија, но и пациенти кои не знаат дека имаат, бидејќи хипертензијата понекогаш е асимптоматска. Во нашата Установа имаме зголемување на бројот на пацинети со хипертензија посебно во помлада возраст. Сакаме од тука да испратиме порака: живејте здраво, мерете го вашиот крвен притисок, лекувајте го, најдете време за рекреативна физичка активност. “ – истакна Д-р Елена Коваческа Башуроска – кардиолог, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид.

Редовно мерење на крвниот притисок потребно е да се прави преку матичните лекари и рано да се почне со третман. Пациентите кои веќе имаат дијагностицирано покачен крвен притисок треба да го лекуваат и да водат здрав живот.

Срцето и мозокот се поврзани. Регулацијата на крвниот притисок е важна за заштита од мозочен удари. Поопасни се ониe ситуации каде високиот крвен притисок не е откриен, затоа редовните контроли се важни, вели Д-р Ксенија Мајсторовиќ, специјалист невролог.

„ Нашето прво прашање како невролози е „дали лекувате висок крвен притисок“. Поради висок крвен притисок настануваат често потешки масивни крварења во мозокот затоа е исклучително важна превенцијата од висок крвен притисок посебно кај пациенти кои не го чувствуваат високиот крвен притисок. Под зголемен ризик се сите лица над 50-60 годишна возраст, обезните лица, пушачите, тие се некои ризици за кардиоваскуларните и мозочните заболувања. А со Ковидот се поместија и многу граници за други. И нормално генетскиот фактор. Ако некој има родител со такво заболување мора и порано да дојде на преглед. “ – истакна Д-р Ксенија Мајсторовиќ, специјалист невролог.

Денешните активности на градскиот кеј во Охрид Кардиолошката болница ги спроведе во соработка со општествено одговорна фармацевтска компанија КРКА Фарма Скопје која делеше информативни материјали за за ризик факторите кои влијаат врз крвниот притисок и што можат граѓаните да направат за да го превенираат.

„ Оваа година ја избравме оваа локација за да го потенцираме значењето на физичката активност како еден од активностите кои може секој граѓанин да ги направи да учествува во грижата за своето здравје и регулацијата на крвниот притисок. Можам од досегашната активност да видам дека навистина има многу граѓани кои не знаат дека имаат повисок крвен притисок и дека треба да се јават на преглед. “ – изјави Јасмина Хаџиева Стефаноска од КРКА Фарма Скопје.

Според статистиката на Светската здравствена организација околу 54% мозочни удари и 47% од коронарната артерриска болест се предизвикани од покачен крвен притисок.Хипертензијата е одговорна за 7.6 милиони смртни случаи годишно на светско ниво.