Skip to main content

Реакција на Хелсиншки: Постои селективна правда за демостранти во Македонија

Бројката на вкупно уапсени е 42 лица, а седум студенти се во притвор

 |  инфодеск  | 

Според информациите на Хелсиншкиот комитет, од уапсените 12 лица се во притвор, едно лице е во куќен притвор, едно лице е во бегство, а за три лица се чека да бидат изведени пред судија на претходна постапка кој ќе одлучува дали ќе им определи притвор. Меѓу притворените има седум студенти, од кои две лица се претставници на Студентскиот пленум.

„Казната за ова кривично дело е од 3 месеци до 3 години, поради што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката притвор, туку треба да бидат искористени останатите алтернативни мерки кои стојат на располагање за обезбедување на присуство. Комитетот смета дека ваквите одлуки влијаат на ограничување на правото на протест, особено поради фактот што како причина за притворот е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести. Исто така,одлуките за притвор и за поведување на кривични постапки против студенти може да се сметаат и како предупредување за останатите граѓани кои сакаат да земат учество во протестите кои се одржуваат во овој период. За споредба, Комитетот имаше монитори на насилните протести против општина Центар, кои се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, поради што сметаме дека постои селективна правда“, реагираат од Хелсиншки.

Во средата биле приведени четири лица од кои едно било пуштено бидејќи било малолетно. Останатите тројца во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка поради сомнение дека сториле учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие.