Skip to main content

Опозицијата ќе остане пред владата и по протестот

Протестите ќе бидат мирни, ненасилни, мултиетнички и масовни

 |  инфодеск  | 

На прес конференцијата на која ја објави 32-та бомба, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека се подготвени да останат пред владата и по завршување на протестот закажан за 17 мај, сѐ додека премиерот Никола Груевски не даде оставка.
„Околу 4.600 активисти самоиницијативно одлучија да ја информираат опозицијата дека сакаат да спијат пред владата и во континуитет да продолжи протестот. Знаејќи дека не сме единствени организатори на овој протест, одлуката е остануваме до крај, додека Груевски не даде оставка. Ќе ги обезбедиме потребни ресурси согласно нашите можности и тоа продолжување да биде мирно. Сите членови на СДСМ добија задача да снимат секое евентуално насилство, да ги отвориме очите за да некој не нѐ мести. Огромна бројка на млади луѓе ќе бидат тампон зона меѓу полицијата и граѓаните што ќе протестираат“, рече Заев.
Тој изрази уверување дека протестите во недела ќе бидат мирни, ненасилни, мултиетнички и масовни и изрази надеж дека владаа нема да го организира најавениот контрапротест за во понеделник, но во случај сепак да има таков протест рече дека СДСМ нема да дозволи било какви компромитации.
„Ако е власта неодговорна, ние сме одговорни. Ќе направиме сѐ да не се случи било каков инцидент, па дури и никаква провокација. Имаме план како тоа да го направиме“, изјави Заев.