Skip to main content

Предлогот на премиерот за изборен бонус отфрлен од опозицијата

Пратеничкиот бонус систем е неприфатлив за опозицијата и помалите политички партии

 |  инфодеск  | 

Премиерот Никола Груевски предлага Македонија да има 140 пратеници, колку што е максимумот дозволен со Уставот. Според него, треба да се вратиме на мнозинскиот изборен модел, последен пат на парламентарни избори користен во 1998 година, а партијата што ќе има најмногу пратеници, да добие бонус од уште 17 места. Според премиерот, тоа ќе придонесе за стабилна Влада.

СДСМ и помалите партии кои се залагаат Македонија да биде една изборна единици по пропорционален изборен модел енергично го отфрлија предлогот со кој премиерот Груевски вчера ѝ фрли изборна ракавица на опозицијата. Тој предложи да се воведе бонус систем каков што го има во некои држави, со кој победничката партија ќе добие плус 17 пратеници за да има стабилна влада.

„Значи кој и да е победник, а еве СДСМ тврдат дека тие ќе бидат победници и нивно право е да го тврдат тоа, па ако навистина веруваат дека ќе бидат победници, ние им нудиме да изгласаме закон со кој победничката партија кога ќе завршат изборите добива плус 17 пратеници. Со тоа ќе се формира стабилна влада и нема изговор потоа зошто не се реализирале некои проекти“, рече Груевски.

“Никола Груевски нека им признае на граѓаните и на јавноста зошто се плаши од барањето Македонија да биде една изборна единица. Можеби, дека му се растура шемата на крадење избори?! Што нема да измисли Груевски откако е фатен со рацете во избирачките кутии. Денешната негова изјава наликува на “дил ориентед” политичар како што е Груевски, кој од очај стана мета на потсмев”, велат од СДСМ.

Според аналитичари, бонус системот практично е неприменлив во мултиетнички земји каде политичките партии се етнички хомогени, бидејќи тоа може да предизика проблеми на меѓуетнички план. Поради тоа или и од други причини, и во ДУИ, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се резервирани кон ваквиот предлог.

„Таков предлог би се разгледал само доколку претходно законски се регулира изборот на владата да се спроведе со Бадентерово, двојно мнозинство“, кратко изјавија од центарот за информирање во ДУИ, без дополнителна аргументација.

Мнозински бонус систем во Европа се применува или се применувал во Грција, Италија и Сан Марино, но поради различни причини и во различни услови. Во италијанскиот парламент кој има дводомна структура поради нестабилните влади и нивното често паѓање, а во Сан Марино, една од најмалите држави во светот со регистрирани 32.000 жители, од кои 11.000 живеат надвор од неа, со варијабилен бонус се дополнуваат пратеничките места што ѝ недостигаат на коалицијата која освоила најмногу гласови на изборите.

Граѓанските здруженија најавуваат дека во наредните две недели ќе биде утврден форматот на нивното идно дејствување. Велат дека остануваат  посветени на одбрана на Уставот и достоинството на граѓаните и стојат на располагање за секаков вид консултации за подобрување и забрзување на политичкиот дијалог.