Skip to main content

САД и ЕУ против делумното повлекување на аболицијата

Се зголемува чувството за неказнивост во земјата

 |  инфодеск  | 

Претседателот Ѓорѓе Иванов вчера донесе одлука да поништи дел од одлуките за помилување на вкупно 22 лица. Како што рече Иванов, цврсто е убеден дека аболицијата која ја донел на 12. април и понатаму смета дека е клучна за решавање на кризата и тоа го направил во интерес на државата и на граѓаните.

На ова реагираше меѓународната заедница и изјави дека делумното повлекување на аболицијата не е доволно ниту за Европската Унија, ни за САД.

„Одлуката на Иванов за делумно повлекување на амнестијата не е доволна. Потребно е сеопфатно решение“, порача еврокомесарот Јоханес Хан на Твитер.

Американската амбасада, исто така на социјалните мрежи, реагира дека парцијалните и селективни поништувања на амнестија ќе придонесат кон растечко чувство на неказнивост во земјата. Според САД, ова ќе ја спречи Македонија да направи напредок кон нејзините најважни цели, вклучувајќи го и напредокот кон НАТО и кон ЕУ.

„Македонија мора да го реши ова прашање сеопфатно“, наведува амбасадата на САД во земјава.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјава за агенцијата Мета, дополнува дека на претседателот Иванов повеќе пати му е кажанодека аболицијата „мора целосно да биде поништена без одложување, за да се зачува принципот на одговорност и да се обезбеди еднаков третман пред законот и да се избегне селективната правда“.

Селективна правда е неправда. Со ваков транспарент, шарената револуција ги почна вчера протестите од пред Специјалното обвинителство. Истата оваа порака, на англиски јазик, ја напишаа на улицата пред канцеларијата на Европската унија во Скопје, а потоа продолжија пред Собранието.

Таму, полицајци и специјалци го блокираа пристапот околу собранието, од сите страни и не им дозволија на демонстрантите да се приближат, за да не можат да фрлаат боја со катапултот. Сепак, со катапулт и со чатали демонстрантите успеаја да го обојат Собранието.