Skip to main content

Македонија го празнува св.Климент Охридски

Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост Кирил и Медодиј

 |  инфодеск  | 

Македонија во денес го празнува Денот на св. Климент Охридски – 8 Декември, со кој се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.

Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија.

Не се знае кога и каде е точно роден Климент, нема податоци за семејството и потеклото, освен дека бил закопан на 27 јули 916 година во манастирот на Плаошник во Охрид, што тој сам го изградил и го посветил на св. Пантелејмон. Кога манастирот бил претворен во џамија, моштите му биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, која оттогаш е нарекувана со неговото име. Моштите му се повторно вратени во август 2002 година по обновата и осветувањето на неговиот манастир. Се претпоставува дека починал на 70-80 години и дека е роден околу 30-40 години на 9 век.
Се смета дека е автор на опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа. Покрај преводи на црковна литература, напишал и пофални слова за христијански светители. Пред да умре, својот имот – книжевните дела, ги поделил и завештал на епископијата и на својот манастир. Теофилакт спомнува чудесна и исцелителска моќ на св. Климент по смртта. Свети Климент Охридски е заштитник на Охрид и, според преданијата, тој го спасувал градот и неговите жители секогаш кога биле во неволја. Се претпоставува дека Охрид е и родно место на Климент и оти поради тоа го избрал за работа до крајот на животот. Не е утврдено ниту дали Климент и Наум се родени или браќа по конфесија.

Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Неговото име го носи и универзитетот во Софија. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државната награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството.