Skip to main content

Донесена одлука за итно решавање на проблемот со депонијата во Струга

Чувари и транспорт на сметот од струшката депонија

 |  инфодеск  | 

Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за итно решавање на проблемот со депонијата во Струга, која често гори и ја загадува околината.

Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата добиле задолжение да обезбедат пари за безбедно и економично да се транспортира сметот од струшката депонија до други безбедни депонии во земјава.

Исто така, се ангажираат чувари кои ќе ја надгледуваат целата локација, за да превенираат можни идни проблеми.

Инаку, стружани деновиве повторно реагираа дека депонијата продолжува да чади, да тлее, а јавното комунално претпријатие во недостиг на простор, отпад почна да одлага и на патот накај депонијата. Рекоа дека во моментов нема оператор кој треба да ја оддржува депонијата.

Од општина Струга, пак, тврдат дека во моментов фирма доброволно работи на депонијата се до завршување на ново објавениот оглас. Од владата побарале два големи контејнери, утоварувач и еден камион за превоз на контејнерите со отпад кој потоа би се носел во депонијата Дрисла во Скопје, се до изградбата на регионалната депонија.

Истовремено Советот на општина Дебарца засега е со став против ваква регионална депонија на нивна територија, во атарот на село Годивје.

Од Министерство за животна средина ќе се побара во рок од 15 дена да се произнесе по однос на ова прашање. Засега одржување референдум е втора опција.