Skip to main content

Донесени законите за укинување на радиодифузната такса и стечајците

Невработените лица опфатени со законот треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатијата

 |  инфодеск  | 

Собранието денеска едногласно, со 82 гласови „за“ го донесе Законот за стечајни работници. Со законот се овозможува околу три илјади луѓе да добиваат месечен надомест од по 7.596 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата минатата година. Тоа ќе го чини буџетот околу пет милиони евра годишно.

Невработените лица опфатени со законот треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава. Ќе важи само за стачајци кои на денот на стапување во сила на законот имаат најмалку 52 години за жени, односно 55 години за мажи.

Лицата треба да имаат остварено право на паричен надомест по 1 јануари 1995 година, а по остварувањето на правото на паричен надомест да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја и вина.

Исто така беше досенен и законот со кој се укинува плаќањето на радиодифузната такса, која беше воведена во 2005 година. Со законот се предвидува приходот, што досега го добиваше Македонската радио телевизија, преку собирање на оваа давачка, да се финансира од државниот Буџет. МРТ ќе добива 0,5 проценти од буџетот на годишно ниво, што е околу 14,3 милиони евра за 2018. Покрај од Буџетот, МРТ ќе се финансира и од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ.