Skip to main content

Фондот за здравство ја зголемува квотата и буџетот за лекови за овој месец

во тек е ревизија на правилникот за распределба на квоти

 |  инфодеск  | 

Фондот за здравствено осигурување денеска најави итна мерка – зголемување на квотите на аптеките во март, во вкупен износ од 15 милион денари, линеарно распределени по аптека.

Исто така, вкупниот буџет за лекови за годинава ќе се зголеми во износ од 100 милиони денари годишно.

“Аптеките можат да ги надминат месечните квоти најмногу до 10% месечно во првите пет месеци, а порамнувањето на квотите се врши два пати годишно. По автоматизам квотата за март самите аптеки ја намалиле за 15%” , соопштија од ФЗОМ.

“Ние сме свесни за потребите на граѓаните, особено во овој период кога е зголемена побарувачката на лекови и во иднина би сакале овие аномалии да се решат”, изјави директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.

Според него на зголемената потрошувачка на лекови и на квотите овој месец влијае и тоа што сè уште трае сезоната на грип и настинки, а не ја исклучи и можноста дел од аптеките да прават и злоупотреби.

Покрај финансиската помош за аптеките овој месец, тој кажа дека во тек е ревизија на правилникот за распределба на квоти, и дека анализираат дали може да се промени месец март како месец за порамнување на квотите.

“Планираме да направиме нова и поправична распределба на квотите меѓу аптеките, а со воведување на интегриран електронски здравствен систем, што ќе се случи наредните две до три години, во реално време ќе имаме податок колку рецепти се издадени и колку се реализирани, бидејќи во една дата база ќе бидат поврзани сите здравствени установи, аптеките и Фондот’, изјави Дончев.