Skip to main content

Директорот на А.Д. „Слобода“, Томе.Л, заработи нова кривична пријава

Кривична пријава, против директорот на АД „Слобода“ Томе Л. од Охрид, за постоење на основано сомнение  злоупотреба на службената положба и овластување и даночно затајување, поднесе СВР до основниот јавен обвинител.

 |  Валентина Нелоска  | 
Sloboda vlez
Sloboda vlez
Кривична пријава, против директорот на АД „Слобода“ Томе Л. од Охрид, за постоење на основано сомнение  злоупотреба на службената положба и овластување и даночно затајување, поднесе СВР до основниот јавен обвинител.

Томе Л.  потпишал купопродажен договор  во име на акционерското друштво „Слобода“  со приватната фирма „Линеа трио“ ДОО Охрид, на износ од 84.000 евра, за продажба на работничката менза и земјиште со површина од 3225 м2. Договорот го потпишал со знаење и одлука на Одборот на директори за мензата, но не и за земјиштето. Претходно, од страна на овластен проценител, само вредноста на работничкатa менза била проценета на 84.585евра.

Во мај  2004 година, пријавениот издал фалсификувана потврда во име на АД „Слобода“, во која внел лажни податоци дека  „Линеа трио“  во целост ги исплатила средствата наведени во купопродажниот договор, и покрај тоа што знаел дека споменатата фирма има уплатено само 11.865 евра. Со тоа овозможил, „Линеа трио“, со ставање на работничката менза под хипотека, да добие кредит од банка во износ од 100.000евра.

SlobodaВо октомври  2006 година, пријавениот во име на АД „Слобода“, со тужба побарал од „Линеа трио“ да ги исплати преостанатите парични средства, согласно договорот за купопродажба. Меѓутоа, во јануари 2007 година, пријавениот со тужената фирма „Линеа трио„ потпишал договор за регулирање на судскиот спор и истиот ден била направена судска спогодба во Основниот суд-Охрид. Со спогодбата, на „Линеа трио“ и ја предал во владение работничката менза и земјиштето за износ од 18.857 евра или 23 % од договорената цена, а за износ кој дотогаш бил уплатен на сметката на АД„Слобода“. Со тоа и  причинил штета на АД „Слобода„ во износ од 65.142 евра.

Натаму, Томе Л. со намера да одбегне плаќање на данок во врска со првиот купопродажен договор, изготвил лажна фактура за новиот договор со „Линеа трио“,  со што избегнал плаќање данок на додадена вредност плус камата, а на штета на буџетот на Р.Македонија. Годинава, ова е втора кривична пријава поднесена против него.  

Во мај, СВР Охрид поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и уништување на деловни книги, за што му беше одредена и мерка притвор во траење од 30 дена.