Skip to main content

Со новите закони, ни умирачка на раат

Новиот Закон за гробишта директно ќе удри по џебот на граѓаните.

 |  Валентина Нелоска  | 
grobista
grobista

Со Новиот Закон за гробишта кој ќе се применува од јануари 2009 година, се укинуваат голем број поволности за граѓаните во сферата на погребалните услуги, а драстично ќе се зголемат цените на услугите, предупредуваат членките на Асоцијацијата на даватели на комунални услуги,кои  со децении стопанисуваат со гробиштата во општините, вели директорот на комерција , Сашо Алче од Охридски Комуналец.

Посочува дека новиот закон ќе ги поскапи цените на погребалните услуги по повеќе основи. Граѓаните ќе бидат задолжени да плаќаат нова давачка – годишен надоместок за одржување на гробните места. Исто така, се укинува и наменското осигурување со кое граѓаните  со години го плаќаат овој надоместок во сметките за комуналии, и добиваа бесплатни погребални услуги, вели Алче. Сега ние ќе треба на граѓаните да им ги враќаме парите, а што е уште полошо,  тие во најтешките моменти ќе мора наеднаш да издвојуваат и по 30.000 денари за погребални услуги кои до сега ги добиваа бесплатно.

grobistaАлче потенцира дека некои членови од Законот директно се судруваат со верските обичаи на двете најголеми конфесии во земјава, православните и муслиманските верници. Според член од овој Закон погреб се врши најмалку 24 часа по настапување на  смртта, што е спротивно на обичаите кај муслиманите кои вообичаено починатите ги погребуваат истиот ден, додава  Алче. Според Асоцијацијата на даватели на  комунални услуги  овој закон е дискриминирачки во делот на вршење на дејноста. Комуналните претпријатија се ограничуваат во работата, смеат да управуваат со гробиштата, но не и да даваат погребални услуги. Со овој Закон се пропишува дека вршител на една активност-управување на гробишта, не смее да врши погребални услуги и обратно, што ни дава за право да се посомневаме дека овој закон е усогласен со европските закони, затоа што во ЕУ нема дискриминации во изборот на дејноста, вели Алче.

Своите забелешки Асоцијацијата на даватели на  комунални услуги ќе ги изнесе пред претствниците на министерството за транспорт и врски, на средбата што треба да се одржи на почетокот на наредниот месец вели Алче. Тој потенцира дека ова е трет Закон годинава,  кој е донесен без нивна консултација.Тие веќе повеле постапка за оспорување на Законот пред Уставниот суд.