Skip to main content

Охридските матуранти го одиграа традиционалниот квадрил

Градскиот плоштад денес обоен со црвена и жолта боја.  Годинешната матурска парада е јубилејна, десетта по ред.

 |  Мишел Наумоски  | 
kvadril

 Синхронизирано, точно во 12 часот на знакот даден од Љубљана, колевката оваа традиција, матурантите од охридските средни училишта го заиграа штраусовиот квадрил заедно со своите врсници од 75 други градови од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Море од црвени чадори и матуранти облечени во црвени и жолти маички ја продолжија традицијата и по десетти пат ја изведоа матурската парада. Учеството во неа, незаборавно за матурантите.

kvadril maturanti„Чувството е многу убаво и незаборавно. Многу добро си поминавме додека вежбавме и сега исто така.“

„Ние како генерација сме горди што сме дел од традицијата на матурската парада и се надеваме дека идните генерации ќе го продолжат овој традиционален чин. Имавме потешкотии со подготвувањето бидејќи се погоди во таков период каде што имавме бојкоти и други обврски, имавме матурска екскурзија па бевме ограничени со време за подготовки, но сепак успеавме да одиграме.“

maturska parada„Се чувствувам задоволно, многу добро одиграно беше. Може месец и нешто, два месеци можеби се спремавме ама редовно учествувавме.“-рекоа дел од матурантите.

Градоначалникот Никола Бакрачески во своето обраќање до матурантите им порача дека нивниот успех зависи само од нив самите, од соработката со професорите, дружбата со соучениците, фејсбук пријателите, домашното воспитување, средношколската љубов.

„Успехот на нашето општество зависи од вашата енергија, од вашите знаења и вашата определба, од вашата решителност и упорност, од вашиот начин на справување со предизвиците. Овој компас ве насочува што вие ќе бидете утре, која ќе е вашата професионална определба, дали ќе бидете доктори, правници, инженери, актери, поети, музичари, архитекти, програмери, трговци или професори, но уште поважно од се е да бидете луѓе, да бидете скромни, сочувствителни, полни со радост, почит, верба и разбирање.“-рече градоначалникот.

kvadril maturantiМатурантите воедно положија и заклетва за ненасилство, а искажаа едно емотивно „благодарам“ до професорката Соња Думбалова-Делова под чие менторство повеќе од месец дена го подготвуваа и одиграа квадрилот. Овој традиционален, матурски танц на градскиот плоштад го проследија голем број на граѓани, туристи, родители. Инаку танцот Квадрил потекнува од Франција, тоа е танц во кој учествуваат две двојки односно два пара кои своите движења ги изведуваат во просторот во форма на квадрат.