Skip to main content

Идните средношколци го направија својот избор

Заврши првиот уписен рок во средните училишта во градов. Резултатите покажуваат дека има благ тренд на зголемување на бројот на средношколци  Расте интересот и за образование во трите стручните училишта. Идните средношколци кои сеуште не се одлучиле каде понатаму, имаат уште два уписни рокови, едниот е накрајот на јуни а другиот на крај на август.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Идните средношколци го направија својот избор. Во првиот уписен рок кој заврши вчера поголемиот дел од нив веќе се определија во кое средно училиште ќе го продолжат своето образование. Во Гимназијата „Св. Климент Охрдски“ се пријавиле 226 ученици од кои само 198 се запишани бидејќи го исполниле условот да имаат минимум 60 поени. Директорот Ѕвонко Трпески вели дека оваа година е забележан мал тренд на пораст на бројот на средношколци кои се пријавиле во гимназијата. Минатата година во првиот уписен рок се пријавиле 205. Квотата која и е одобрена на оваа образовна институција е 272 ученици распоредени во осум паралелки. Но директорот кажува дека веќе години наназад не се исполнува таа квота.
Интересот за запишување благо е зголемен и во стручните училишта во градов. Во ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, во електро-техничката струка се пријавиле 42 ученици. На оваа насока има повеќе профили. Идните средношколци најмногу интерес покажале за насоката компјутерски техники и автоматика. Интерес има и за изучување на сообраќајната струка и за струката лични услуги. Помал е интересот за машинската насока.

Задоволни сме од бројката на пријавени ученици. Се надеваме дека во двата  наредни уписни рока интересот ќе се зголеми и за останатите струки. Радува фактот што полека, но сигурно учениците се враќа имиџот на стручните училишта, а тоа се должи и на фактот што во последно време се зголемени можностите за вработување со овие струки, вели Јане Цаноски, директорот на ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

И во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ бројот на пријавени средношколци во првиот уписен рок, ветува. Во угостителско-туристичката струка има три профили и тоа келнери, готвачи и слаткари. Досега најмногу интерес има за готвачи и слаткари, а помал е интересот за келнери. Но, директорката Весела Темјаноска смета дека со последниот упис во август ќе бидат формирани сите паралелки. Квотата од 272 ученици најверојатно нема да биде исполнета, но и со помал број ќе се реализира наставата во ова средно стручно училиште.

Охрид како туристички град има потреба од ваков кадар и се надевам дека децата  ќе го препознаат тоа и ќе ги согледаат потребите на пазарот на труд и ќе ја искористат оваа можност да се запишат токму во нашето училиште, рече директорката на угостителското училиште.

Во новоформираното средно стручно училиште Св. „Кирил и Методиј“, во првиот јунски уписен рок во економско-правната струка се пријавиле 54 ученици од кои 33 се примени, а во медицинската струка се пријавиле 40 лица, а 27 се примени.

Има уште два уписни рока едниот е на 29 и 30 јуни, а другиот е на крајот на август па идните средношколци кои досега не одлучиле каде да го продолжат своето образование имаат време да размислат и да решат.

{loadposition content9}