Skip to main content

Соработка помеѓу граѓанските организации за предизвикување општествени промени

Според организаторите Цивика Мобилитас, иако има одредена соработка помеѓу граѓанските организации за постигнување промени, треба и натаму да се работи со цел остварување на некакво влијание во општеството.

 |  Мишел Наумоски  | 
gragjanski

Потребна е соработка помеѓу граѓанските организации со цел постигнување на некаква општествена промена. Ова е една од мислите водилки кон кои е насочен проектот Цивика Мобилитас под мотото „Твој простор, твој глас“. Денес тие одржаа регионален форум за граѓанските организации од југозападниот регион, на кој беше дискутирано околу потребата од поттикнување соработка помеѓу самите граѓански организации, но и граѓаните, со цел да се постигне некаква заедничка поширока општествена цел.

gragjanski organizacii„И според наши истражувања, некаде сме на средина би рекла. Има активности за да се направи влијание, има влијание но тоа е ограничено на одредено прашање, во одредена институција. Имаме доста тука да работиме освен на граѓански ангажман и на остварување влијание и затоа всушност програмата Цивика Мобилитас најмногу работи на тоа, постигнување промени, односно вршење влијание во општеството и активирање на граѓаните во граѓанското општество меѓутоа и освестување на граѓанските организации да соработуваме со граѓаните во правењето на тие промени.“-вели Даниела Стојанова-Национален проектен координатор “Civica Mobilitas”.

Последните случувања во државава, големиот број на протести како оние против полициска бруталност и ред други во кои граѓаните јавно го искажуваа својот револт по одредени прашања и бараа промени, се чини понепосредно ги истакна граѓанските организации како особено активни чинители во општеството.

sorabotka gragjanski organizacii„Сега е само повидливо затоа што имаме протести социјални движења. Граѓанското општество одамна постои во Македонија, е вкоренето, особено последниве 25-30 години во оваа организирана форма која е препознатлива, има доста промени направено само што велам сега е можеби повидливо затоа што по многу години пак излеговме меѓу граѓаните и покажуваме каква промена сакаме. Граѓанскиот ангажман беше понизок, сега ќе видиме со некои следни истражувања мерења дали сите овие случувања последниве години влијаеле да се зголеми граѓанскиот ангажман или вклученоста на граѓаните во граѓанските организации.“-рече Стојанова.

Инаку, Цивика Мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрацијa. Цивика мобилитас обезбедува поддршка за граѓанските организации и другите актери на граѓанското општество. Спроведувањето започна во октомври минатата година и ќе трае четири години.