Skip to main content

Жителите од Радојца Новичич сакаат средена населба за живеење

Жителите од Радојца Новичич сакаат  средена населба за живеење

 |  Валентина Неловска  | 
radojca n.

.Жителите од населбата Радојца Новичич реагираат на неколку комунални проблеми. Напоменуваат дека низ населбата многу често на велосипеди поминуваат странци кои го посетуваат манастирот Св. Спас во  Лакочереј, кои биле зачудени од  запоставеноста  на населбата. Тие  се незадоволни од несредениот простор во кој живеат и бараат локалната преку претпријатијата и нејзините надлежности да интервенира.  Граѓаните кои живеат околу касарната се жалат на запуштениот простор околу неа и на видикот кој го имаат пред нивните домови.  Напоменуваат дека таму три години никој не влегол, целиот простор е обраснат со трње и коров, со паднати и искршени стебла и гранки од зимските непогоди. Просторот во касарната е легло на лисици, кучиња и влекачи од кои, како што велат  жителите, стравуваат за својата безбедност.
radojca
„ Има змии, кучиња…. не е сигурно ни жена ни дете да пуштиш навечер надвор, многу е лошо“, раскажува  Владо Јованоски.

Бараат и поставување на контејнери низ  населбата и улиците Петрино, Кленоец и Радојца Новичич.   
Населението реагира и на несредениот простор околу бетонската база, како и на дивите депонии со отпад покрај патот.

„ Живеам на ул. Кленоец до бетонската база, каде слободниот простор е загаден и претворен во депонија….обраснато со капинки, трски а теренот е неуреден и непристоен за живот“ се жали и Стојмир Шулески.

„ Како што плаќаат комунална такса за смет во градот, плаќаме и ние овде. Во градот, неделно по 5 пати се крева ѓубрето, а тука само еднаш неделно доаѓаат… иста цена плаќаме и во градот и тука во населбата“, вели Перо Петрески Калимеро.

Од ЈП “Охридски Комуналец“, на барањето на жителите за поставување на контејнери,  одговараат дека контејнери има само во близина на колективни станбeни згради, согласно Законот за комунални дејности.

„ За тоа што се кажува дека не се чисти редовно ѓубрето од населбата Радојца Новичич, тврдам дека секој вторник и петок се подига комуналниот отпад. Нема потреба да се жалат. И кај касарната е чисто. Редовно наши екипи минуваат и го собираат комуналниот отпад, чисто е на тој терен“, подвлекува Миле Ристески од ЈП “Охридски Комуналец“.

radojcaЖителите пред чии домови пак, тече реката Сушица, укажуваат дека во моментов, во пресушеното речно корито истекуваат фекални води од  пукната цевка. Се шири несносен мирис и коритото преставува опасност од зарази во летниот период, велат жителите. Барале од надлежните да се интервенира, но досега без успех.

„ Не реагира никој….сопствениците на одводот на фекалната канализација пријавиле и никој сеуште не е дојден. Пред изборите ветуваа дека ќе  ја соѕидаат реката , но никој  не е нит појавен, ни јавен. Ќе чекаме нови избори,“ вели  Јован Илијоски.

Одговорните од ЈП „Нискоградба“ напоменуваат дека станува збор за помал дефект и ветија дека ќе го санираат уште во текот на овој ден. Додаваат дека цевката веројатно  е оштетена од изведувачот кој есеноска работел на расчистување на  речното корито. И од  ЈП “Охридски Комуналец“ , во однос на расчистување на коритото од смет, велат дека истото, во последните две години редовно се  чисти. Апелираат граѓаните да бидат посовесни во однос на животната средина.