Skip to main content

Највкусното ѓомлезе и прекрасните охридски кулинарски специјалитети на традиционалната Охридска софра

Годинава интерес за учество на оваа манифестација пројавиле и од други градови од земјава. Покрај кулинарските специјалитети, на Охридска софра годинава ќе се претстават и охридските туристички работници и хотелиери како пред посетителите би била презентирана целокупната туристичка понуда на Охрид.

 |  Мишел Наумоски  | 
sofra

Прекрасните охридски традиционални јадења, предводени од неповторливото ѓомлезе ќе ги предизвикуваат сетилата на посетителите на третата по ред Охридска софра. Традиционално, во прекрасното Скребатно, во недела, ќе се соберат и најдобрите подготвувачи на ѓомлезе кои ќе се обидат да го воодушеват жирито, секој со својот рецепт за овој деликатес.

gjomleze„Оваа година имаме пријавени околу 15ина учесници, ќе видиме до недела можеби бројот ќе се зголеми, интересно е да напоменам дека оваа година имавме интерес и од други градови да се пријавуваат за учество што посебно ме радува бидејќи претставува доказ дека ѓомлезето е веќе проширено како туристички производ и надвор од Охрид, значи се нуди и во другите градови. Официјално започнувањето со подготовка на ѓомлезето започнува во 9 часот, а официјалниот дел од програмата ќе започне од 12 часот.“-вели Ѓоко Апостолов, од Секторот за ТЛЕР.

По прогласувањето на победниците во натпреварувачкиот дел, ќе започне и забавниот дел од програмта на Охридска софра во кој за доброто расположение на гостите ќе се погрижи едно составот „Баклава“. Покрај ѓомлезето, на Охридска софра со свои специјалитети ќе се претстават и студентите од Факултетот за туризам и угостителство, Здружението на пчелари, а своите туристички производи ќе ги претстави и туристичкиот кластер ЕДЕН.

ohridska sofra„Се потрудивме да го опфатиме оној целокупен асортиман на туристички производи од гастрономскиот дел за сите посетители да можат да се уверат во се она што Охрид го нуди како туристички производ од овој дел. На оваа манифестација поканети се сите туристички агенции, тур-оператори како и хотели од Охрид, и се надеваме дека преку нив, туристите, посебно странските туристи кои престојуваат во Охрид, ќе имаат убава можност да го посетат овој убав локалитет и се разбира да присуствуваат на манифестацијата и да ги вкусат сите производи кои што ќе се нудат таму. “-рече Апостолов.

Со цел да излезат во пресрет на што поголем број на граѓани  кои сакаат да го посетат Скребатно и да ги вкусат сите охридски специјалитети, годинава од локалната самоуправа обезбедиле и бесплатен превоз заедно со транспортната компанија Омега чии комбиња од 10 до 11 часот ќе сообраќаат до Скребатно поаѓајќи од мини маркет. Граѓаните ќе имаат можност со истиот превоз да се вратат и назад по завршувањето на манифестацијата околу 14 часот. Инаку годинешната Охридска софра ќе се одржи во недела, на 30ти август со почеток од 9 часот.