Skip to main content

Со нова библиотека започна учебната година во с. Лескоец

Образованието и едукацијата на децата е еден од столбовите на градење на општеството и заедницата. Ова го истакна градоначалникот Никола Бакрачески, кој денес традиционално посети дел од основните и средни училишта од градов по повод почетокот на новата учебна година. На сите првачиња им посака убави школски денови исполнети со многу другарување, а на останатите ученици да го зголемат своето знаење во текот на наставниот процес со цел да се изградат во вистински личности.

 |  Николоска Биљана  | 

Библиотека и нова реконструирана училница, денес, на првиот училишен ден добија учениците од ОУ „Ванчо Николески“, од село Лескоец. Нив во употреба ги пушти првиот човек на градот Никола Бакрачески. Бакрачески истакна дека училиштата во руралните средини на општина Охрид имаат потреба од помош и поддршка од Локалната самоуправа, но и од Министерството за образование, во поглед на обезбедување подобри услови, како што е енергетската ефикасност, замена на подови, санитарни јазли, прозори и врати, обезбедување на учебни помагала и реквизити, но и во делот на финансиското менаџирање.

„Успеавме да реконструираме една просторија како библиотека за интерна употреба на училиштето за учениците кои ја посетуваат наставата и се надевам дека ова ќе биде еден добар допринос не само за учениците туку и за наставниците, родителите кои на поедноставен начин ќе можат да дојдат до литературата која што е потребна за образование на нивните деца“ – истакна Бакрачески.

Подготвени за учебната година се и учениците во ОУ „Ванчо Николески“, Лескоец, како што истакна директорката Жаклина Трипунова. Годинава се запишале 30 првачиња во централното училиште а по 2 ученици во подрачните училишта во Куратица и Ливоишта. Инаку во ова училиште настава посетуваат вкупно 327 деца. Директорката нагласи дека библиотеката е од големо значење за училиштето и во иднина истата ќе се збогатува со фонд на книги, а ќе се потрудат да обезбедат услови и за читална и медиотека.

„Приоритет ни е спортска сала, во понапредна фаза е прочистување на имотниот лист и прибирање на документација она што нам ни беше проблем, прочистување на имотниот лист…., бидејќи тоа е почнато од 1964 година и се надевам едека во најскоро време ќе се решат проблемите од имотно правна природа“ – вели Трипуноска.

Градоначалникот Бакрачески денеска им посака успешен старт на новата учебна година и на новата генерација средношколци  во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“од Охрид.

„Во изминатиот период имавме интензивни подготовки во сите училишта беа помагани и финансиски во делот на справување со долговите кои ги влечат од минатото, во покривање на неисплатени обврски и секако во делот на реконструкција на неколку основни и средни училишта онака како што укажуваа на приоритетите нивните менаџерски тимови“– нагласи градоначалникот.

Целосно сме подготвени за почетокот на новата учебна година, истакна директорката на угостителското училиште, Весела Темјаноска.

„Оваа учебна година во споредба со минатата покрај фудбалот и ракометот, имаме и кошарка, имаме доволен број деца кои ќе живеат здрав живот и ќе се најдат во изборот на струката која што ја одбрале“

Во учебната 2015 – 2016 год во охридските општински училишта се запишани вкупно 501 прваче, 4672  основци и 2258 средношколци.

{loadposition content9}