Skip to main content

Двајцата обвинети во случајот со двојното убиство во Император се изјаснија невини

Правниот застапник на оштетените, семејството Ристески рече дека очекуваат максимална казна за првообвинетиот.

 |  Мишел Наумоски  | 
osnoven sud

Денес започна судењето за настанот кој минатото лето ја потресе охридската јавност. Двајцата обвинети за случајот со убиството во Император, пред Судскиот совет, со кој претседаваше судијата Билјана Белеска-Пројкоска, се изјаснија како невини, додека застапникот на првообвинетиот, адвокатот Ване Андреевски, изјави дека одбраната во текот на процесот ќе докаже дека убиствата се случиле во поинакви околности отколку што е наведено во обвинителниот акт.

imperator obvinitelНа денешното судење, беа повикани да сведочат најблиските роднини на сега починатите, меѓу кои и сопругите на двете лица кои смртно беа застрелани во мотелот Император. Низ солзи и видно вознемирени тие раскажаа што виделе и чуле во судниот момент. Адвокатот Гоце Стојановски кој е полномошник на една од оштетените страни, семејството Ристески, изјави дека е задоволен од досегашниот тек на постапката, како и тоа дека очекуваат правилна судска пресуда.

„За оштетените најдобро ќе биде максимална казна, се надеваме дека судот правилно ќе ја одмери и индивидуализира казната. Се надеваме дека првообвинетиот ќе добие доживотна казна затвор со оглед на тоа дека се работи за двајца убиени, невини животи, млади животи, фамилијарни луѓе.“-вели Гоце Стојановски-адвокат на оштетените, семејството Ристески.

braniteli imperatorСтојановски рече дека нема никакви информации дека позади двократното убиство стојат нерасчистени бизнис зделки, притоа потенцирајќи дека убиените во никој случај не го заслужиле тоа што им се случило. Тој истакна дека иако според него нема материјално добро што би ги надоместило изгубените живот, сепак ќе го искористат правото на материјална оштета. Првообвинетиот се товари за двократно убиство како и неовластено поседување и изработка на огнено оружје, додека второобвинетиот се товари за помагање на сторител по извршено кривично дело. Според обвинителниот акт, обвинетите со возило на второобвинетиот пристигнале пред терасата на ресторанот, излегле од возилото и го повикале на разговор Ѓузелоски, еден од сега починатите, кој седел на една од масите заедно со неговата сопруга.

imperatorПритоа, почнала жестока расправија на терасата на „Император“, по што првообвинетиот извадил пиштол и еднаш го застрелал Ѓузелоски. Ѓузелоски повреден се обидел да избега внатре во локалот, при што бил застрелан уште двапати. Притоа, во близина хотелската рецепција се наоѓал и сопственикот на локалот, Ристески, кој исто така бил застрелан од првообвинетиот со еден куршум во пределот на градниот кош. Веднаш потоа двајцата обвинети со возилото на второобвинетиот побегнале од местото на злосторство. Првообвинетиот оттогаш беше недостапен за органите на прогонот речиси шест месеци. По распишана меѓународна потерница, тој на 12 февруари годинава беше уапсен во Албанија, а подоцна екстрадиран во Македонија, додека второобвинетиот во случајот беше приведен од полицијата неколку часа по пријавувањето на случајот. Следното рочиште за овој случај е закажано за 13ти октомври.