Skip to main content

Локален развој, но не по цена на природата

Локалниот развој е еден од основните проблеми при  заштитата на природата-сметаат од Македонскиот зелен центар. Според нив, кога се планираат проектите особено во подрачја кои имаат некое ниво на заштита, многу често природните богатства се ставаат на последно место.

 |  Мишел Наумоски  | 

Основниот проблем при заштитата на природните богатства е  паралелното постигнување на локалниот развој. Според Македонскиот зелен центар ако сакаме оптимален локален развој, локалните самоуправи, па и централните власти развојот мора да го градат во партнерски сооднос со заштитата на она што го имаме како природно богатство. Методија Саздов, претседател на „Македонски зелен центар“ вели дека токму поради тој локален развој во моментов голем број на заштитени подрачја се наоѓаат под голем ризик и притисок од разни инфраструктурни проекти. За нашиот град ги посочи случајот со ски центарот на Галичица, патот кој треба да минува низ националниот парк како и туристичките центри.

„Секогаш економијата и инфраструктурата мора да биде во корелација со природата, меѓутоа многу често природата се става на последно место и секогаш планирањето не е во рамките, не се земаат природните убавини и природните богатства кога се планира проект. Истото се случува и со Маврово заштитените подрачја, денес имаше презентација на промоцијата на проекти за Јабланица, а знаеме дека Јабланица како и Шара ние бараме да бидат заштитени со некаква класификација,  дали ќе е тоа парк на природата, национален парк, заштитено подрачје, меѓутоа секогаш тие економски моменти се посилни од заштитата.“- вели Методија Саздов-претседател на „Македонски зелен центар“.

Интегрален дел на заштитата на природата, и еден од најкомплексните и најактуелни проблеми на денешницата, според Саздов се и климатските промени. Иако сме мали по територија, тој смета дека  сепак ниту ќе не избегнат климатските промени, ниту пак она што ние може како превенција да го преземеме е безначајно.

„Климатските промени влијаат на бројот, на количината на врнежи, количината на снег, на ветровите, на сончевите денови, тоа автоматски влијае на земјоделието. Имате големи количини на дождови, тоа влијае на инфраструктурата. Ние сме свесни дека пред месец дена или два на Шар Планина се случи една голема катастрофа, каде што имаше и човечки жртви, инфраструктурни проблеми, значи сето тоа е нешто што ќе се случува и во иднина. Природата не зависи од никого, се случуваат работи, наше е дали ќе живееме во корелација со природата, ќе ги направиме оние превентивни кои се со цел заштита од климатските промени, и самите ќе се заштитиме.“ – категоричен е Саздов.

Инаку, во Струга, Македонскиот зелен центар го организира годишниот состанок со невладините организации од областа на заштитата на животната средина во кој се презентира дотогаш сработеното, но и планирање на идните приоритети за заштита на животната средина. Ова е нивна дванаесетта средба, а досега учество земале повеќе од стотина невладини организации. Тема на оваа годишна средба се климатските промени, социјалното претприемништво, индустриското загадување и отпадот.

{loadposition content9}