Skip to main content

Охрид ја одбележа 1001 годишнината од смртта на Цар Самоил

Годишнината од смртта на Цар Самоил  основоположникот на првото средновековно македонско царство, треба да се одбележува на повисоко ниво, сметаат историчарите. Денес по повод 1001 години од смртта на Цар Самоил, на Самоиловата тврдина се одржа историски час пред учениците од охридските основни училишта, нивните професори по историјаи како и претставници на Локалната самоуправа на Охрид.

 |  Николоска Биљана  | 

Во организација на Локалната самоуправа, денеска на Самоиловата тврдина во Охрид беше одбележана 1001-годишнината од смртта на Цар Самоил. По тој повод пред учениците од историската секција на охридските основни училишта беше одржан истриски час. Како што истакна проф Коста Лазарески денешниот ден е од посебно значење за Охрид, местотo каде што била една од престолнините на Самоиловата држава. Додаде дека децата имале можност да научат нешто повеќе од она што го пишува во учебниците по историја.

„Цар Самоил е еден од четворицата синови на Никола и тој за разлика од сите браќа останале само тој и Арон и во таа меѓусебна борба за престол победил Самоил и тој ја водел таа држава кој кон крајот на десеттиот век била доста проширена и како резултат на тоа, Самоил е прогласен за цар, 987 година. Во текот на својот живот тој водел битки со Византиската војска и со Василиј втори, од кои последната битка за него била кобна, Беласичката битка, Василиј втори сакал да се освети на Самоил заради поразот што го доживеал кај Трајановата врата, 986 год.“– вели Лазарески.

Многу е важно учениците да ја знаат историјата на нашиот град, истакна Љупчо Лотески. Тој појасна дека најстариот дел најден на Самоиловите тврдини датира од 4 тиот век п.н.е. Исто така постоеле записи од Леви трети, историчар од третит век, кој напишал дека на брдото на Охрид постојат ѕидини. Во петти век Охрид доживува катастрофален земјотрес и ѕидините биле срушени. Во 10 ти век доаѓа тука Цар Самоил и ги обновува, вели Лотески.

„Во прво време цар Самоил го користи како летниковец за одмор, потоа се преселува тука со неговата свита, војска. Ова е цитадела, а главните ѕидини се кај Горна порта. На јужната страна биле неговите двори, а од другата страна живеела неговата послуга…и ден денес тука постои печката, фурната што печеле леб, резервоарот во кој чувале вода и некои други работи“ – нагласи Лотески.

Самоиловата тврдина и артефактите од тој историски период, независно од  различните толкувања на некои историчари од соседните земји, покажуваат дека Охрид бил главен административен и духовен центар на македонското средновековно царство. Лотески смета дека на денешниот ден треба да му се даде поголемо значење дури и да се одбележува на државно ниво. Инаку годинава втора година по ред се дава значење на годишнината од смртта на Цар Самоил а и иницијативата е на Митре Велјаноски од Секторот за образование при општина Охрид.

{loadposition content9}