Skip to main content

Бакрачески: Мора да обезбедиме нормално функционирање на колекторот

Нормалното функционирање на колекторскиот систем претставува суштински проблем на општина Охрид и истиот мора да се решава, истакна првиот човек на градот Никола Бакрачески. Исто така Локалната самоуправа и Јавните претпријатија работат на изградба на атмосферска канализација во делови од градот со цел да се надмине проблемот на поплавени улици при обилни врнежи од дожд.

 |  Николоска Биљана  | 

Водоводно – канализационата мрежа во делови на градот сеуште горлив проблем на охиѓани. Состојбата посебно кулминира при големи врнежи на дожд кога некои улици се претвораат во мали езерца. Не може да се заборави излевањето на фекалната канализација која се случи август месец, минатото лето, во туристичката населба Лагадин пред очите на странските туристи, посочува советничката на СДСМ Виолета Мицкоска.  Таков е примерот и во Даљан каде често стигнуваат поплаки на жителите дека фекална канализација се излева и оди во речните канали и во езерото, додава Мицкоска.

„Секој дожд за нас и нашиот град претставува елементарна непогода. Само еден ден дожд треба за да се преплават улиците и да се помеша канализационата со атмосферската канализација. Ова го зборувам во името на многу граѓани кои што за жал секој поголем пороен дожд ноќта им ја претвора во ноќна мора. Сигурно сте излезени по улиците „Дејан Војвода“, „Сатеска“, „Стив Наумов“, Даљан и да не набројувам значи по цели ноќи се пумпа водата од подрумите“ – изјави Мицкоска.

Во делот на изградба на атмосферска канализација Локалната самоуправа и охридските ЈП работат посветено и со препознатлив стил, изјави градоначалникот Никола Бакрачески. Тој согласен дека тоа е круциjален проблем за општина Охрид и мора да се решава.

„И во овој период слободно можам да кажам дека можеме да се пофалиме со многу вакви зафати, можеби не изгледаат големи по обемот на работа но кога ќе ги соберете во колку многу места во градот Охрид и населените места се изведени вакви помали зафати во делот на изградба на комуналната инфраструктура сепак се работи за обемни преземања на ЈП“. Но, добро го зачнавте проблемот јас морам да признам дека сепак она што и постојано го зборувам и претставува суштински проблем на градот Охрид, и за мене е најважен и сега и во иднина и мора да се реши нормалното функционирање на колекторскиот систем“ – нагласи градоначалникот.

Бакрачески рече дека со сигурност не може да каже што се случувало пред 30сеттина години кога била проектирана колекторската мрежа и примарната и секундарната и дали било замислено дека дел од атмосферските води треба да се вливаат во колекторскиот систем и тогаш кога го надминуваат максималниот капацитет на проток на вода и во мрежата и во пумпните станици. Градоначалникот истакна дека паралелно со решавање на проблемот со колекторскиот систем треба да се решава и проблемот со вливањето на поедини делови на атмосферската канализација во  единствениот систем.