Skip to main content

Година на големи инфраструктурни зафати најавува Бакрачески

Крупни инфраструктурни зафати и експанзивен период на градежни активности најави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески за 2016 год. Тој информираше дека во градов, во тек или во завршна фаза на реализација биле неколку крупни инфраструктурни проекти.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Реализација на серија инвестиции за 2016 год најави првиот човек на градот Никола Бакрачески. Дел од нив се нова марина, две катни гаражи, пешачка патека од пристаниште до Канео, Конгресен центар, како и нов објект за Домот на култура. Заедно со претходно потпишаните инвестиции за градба на покриен базен и покриен зелен пазар, нова современа авотбуска станица, како и Дом за стари лица, се решаваат  потребите на градот за следните 30 до 50 години, вели Бакрачески. Една од поголемите инвестиции е изградбата на Дом за стари лица во населба Даљан, кој според најавите на градоначалникот инвеститорот до јуни месец годинава треба да прибави одобрение за градба.

„Ние во текот на минатата недела добивме изглед на едно идејно решение за Домот на пензионери од кое што сме сосема задоволни од архитектите кои што се изнајмени од страна на инвеститорот и се надевам дека ќе се придржуваат до рокот ќе го прибават одобрението за градба и оваа година ќе отпочне со градба и пензионерскиот дом во Охрид“

Истото се однесува и за изградбата на современата автобуска станица како што изјави градоначалникот Бакрачески.

„Ние имавме можност во изминатите две недели дел од идејните замисли на инвеститорите, транспортната компанија „Делфина“ од Охрид да ги прикажеме во јавност околу можниот изглед на современата автобуска станица заедно со современ трговски центар, кое што компанијата „Делфина“ ќе го гради заедно со турски инвеститор. Се надеваме дека и тие ќе ги почитуваат роковите и во законски одредениот рок ќе го прибават одобрението за градба и ќе отпочнат со градежните активности“

Бакрачески информираше и за редица други помали проекти, како што е целосното заокружување на реконструкцијата на крстосниците на Булевар Туристичка со кружни текови на нејзините пресеци со улиците: „Македонски просветители“,„Бистрица“,„Стив Наумов“, „Абас Емин“ и „Јане Сандански“. Кажа дека привршува изградбата на втората фаза односно третиот дел од пешачката патека кај Студенчишта. А најви дека годинава ќе започне реконструкцијата на целиот кеј „Македонија“, реконструирани ќе се и патеките околу каналот Студенчишта“, ќе бидат реконструирани и неколку улички во населба Даљан, како што „Миќа Гилиќ“, „Трајче Трајчески“ и ул „Сатеска“ каде што се изгради комплетна атмосферска канализација, беа изградени нови коловози и тротоари на пристапните улици.