Skip to main content

Дадено зелено светло за отварање на градинката во Пештани

Се поизвеснио е отварањето на дисперзираната паралелка на градинката „Јасна Ристеска“ во Пештани. Работите во новиот објект се завршени.  Комисијата  констатирала дека условите се идеални за згрижување деца. Се чека само преставниците од бугарскиот конзулат да најдат време за свечено да се отвори оваа паралелка,  бидејќи дел од средствата  ги донираа тие.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Дадено зелено светло за отварање на истурената паралелка на градинката „Јасна Ристеска“ во Пештани. Комисијата пред две недели направила увид на просторијата и дворната површина и констатирала дека условите се идеални за згрижување деца.

Веќе сме целосно подготвени за отварање на паралелката. Со помош на Министерството за труд и социјална политика и на Локалната успеавме да ги докомплетираме сите работи. Чекаме само термин кога ќе може бугарскиот конзулат да  присуствува, бидејќи дел од средствата за изградба на оваа просторија ги донираа тие, вели Розе Костеска, директорка на ЈОУГД „Јасна Ристеска„.

Оваа паралелка требаше да профункционира уште минатата зима. Но работите закочија бидејќи парите кои беа добиени од УНИЦЕФ за оваа намена не беа доволни бидејќи поголемиот дел од нив биле инвестирани за отварање на паралелката во населбата „Радојца Ниовичиќ“.  Затоа преку ТЛЕР аплицираа до бугарскиот конзулат од кого побараа уште  7 илјади евра, а 5 илјади евра градинката  ги обезбеди од сопствени средства и донации од општествено одговорни фирми. Директорката на градинката, Розе Костеска многу е задоволна и од соработката со Локалната бидејќи им помогнала во изведувањето на комуналните работи за што биле ангажирани јавните претпријатија од градов.gradinka

Инаку, Костеска кажува дека отварањето на ваквите истурени паралелки во Велгошти, Лескоец и „Радојца Новичиќ“ се покажало повеќе од оправдано. Интересот за згрижување на децата токму во овие објекти е поголем од предвиденото. Во една паралелка имало по 25 дечиња, но со посебна одлука на совет им било дозволено да згрижат уште по пет. Само во детската градинка во рамките на ОУ „Кочо Рацин“ моментално има 16 деца но постои интерес за запишување на нови дечиња. Директорката објаснува дека кога ја отвориле оваа градинка, на родителите чии деца и претходно биле запишани во градинката „Јасна Ристеска“ не им предложиле децата да ги префрлат во новиот објект.

Тоа намерно така го направивме за да им овозможиме и на оние родители чии деца до тогаш не оделе в градинка, а кои живеат во овој регион каде се наоѓа новата паралелка, да ги запишат. На оние кои и претходно ја посетувале нашата претшколска установа речиси им е сеедно дали ќе ги носат децата и понатаму во другите објекти или во новоотворениот, што не е ист случај кога станува збор за селските средини, објаснува Костеска.

Овие проекти се реализираат во рамките на Стратегијата на општина Охрид за обезбедување адекватни услови за ран детски развој. Доколку има услови, ќе бидат отворени и во други приградски населби во градов.