Skip to main content

Расте интересот на младите охриѓани за пчеларење

Расте  интересот на младите охриѓани  за пчеларење.

 |  Валентина Неловска  | 
pcelari

Охридските пчелари по подого време се задоволни од минатогодишната реколта на медот. Минатата сезона пчеларите извадиле во просек  15 килограми високо квалитетен мед од пчелно семејство, информира Тони Јосифоски, претседател на охридското здружение на пчелари. Години наназад  приносите на мед се во опаѓање, па  пчеларите се задоволни и со овие приноси.  Тие се свесни дека успешноста во  дејсноста со која се занимаваат зависи од нивното обединување и пратење на современите научни знаења и технологии во пчеларството. Засега охридските пчелари не може да го следат примерот  на охридските овоштари кои неодамна ја брендираа црешата, иако охридскиот мед  важи за еден од најквалитетните во земјава.
 

„ За извоз  количини на мед нема. Сите пчелари сме со дополнителна дејност. Помалку има пчелари кои се со основна дејност. Засега нема извоз. Со организирање на фестивалот „ Денови на Охридскиот мед“, во екот на сезоната, сме во голема борба да  докажеме дека охридскиот мед е квалитетен“, напоменува Јосифоски.    

Искусните пчелари кои се занимаваат со оваа стопанска гранка се задоволни од интересот на младите луѓе за вклучување во пчеларството. Јосифоски кажува дека тие се трудат да набават пчелни роеви, но пчеларската опрема е посебен  проблем за нив.

 

„ Во Македонија ја има да се набави преку трговците но е многу скапа. Баравме во ноември минатата година од ресорното министерство да влезе во националната  програма и да се олесни набавката. Средствата иако се намалија од 3000 евра на 500 евра пчеларите може да аплицираат  за овие средства од  предпристапните фондови на Ипард програмата кои  се доволно пари за пчеларите да ја купат потребната опрема“, напоменува Јосифоски.

 
Во моментов во охридското здружение активно членуваат 40 -тина пчелари. Јосифоски очекува во пролетните месеци бројот да се зголеми со приклучувањето на  поголем   број млади пчелари кои можат со посветена работа да остварат солиден приход.