Skip to main content

Фасадата на општината ќе треба да се молерисува по синоќешниот протест на #Протестирам

Зградата на општината беше гаѓана со јајца од поедини учесници на протестот, кој по втор пат се одржа синоќа во Охрид. 

 |  Мишел Наумоски  | 

Екипи на територијалната противпожарна единица од Охрид, синоќа со дополнителна работа.

Неколку пожарникари со помош на вода ја миеја општинската зграда од остатоците од фрлени јајца по завршувањето на вчерашниот протест на неформалната група #протестирам. На лице место, синоќа и секретарот на општината Димитар Спасески под чие будно око, пожарникарите ја чистеа општинската фасада.

На синоќешниот протест на неформалната група #протестирам кои по втор пат од Охрид побараа оставка од претседателот на републиката, Ѓорѓе Иванов, настрада општинската зграда односно зградата на Агенцијата за катастар на недвижности. Дел од насобраната толпа, својот револт го искажа фрлајќи со јајца кон општинската зграда.

Протестот кој се одржа синоќа беше вториот во рок од два дена кој се случи во Охрид. Граѓаните учесници на протестот се собираа на плоштадот Крушевска Република кај Чинарот, по што преку чаршијата се упатија до плоштадот „Свети Климент Охридски“. Од таму, преку улиците Македонски Просветители, „Партизанска“ и „Ванчо Николески“, пристигнаа пред општината. Таму се задржаа кратко време изразувајќи го својот револт од политичката состојба во државата со скандирање и свирежи, а некои од толпата и со фрлање јајца кон општинската зграда. За разлика од овој, на првиот протест, одржан на 20ти април вакви инциденти беа избегнати, и тој помина сосема мирно.