Skip to main content

Промовиран првиот видео спот на талентираниот охридски музичар Мартин Милески

Промовиран видео спотот за инструменталната преработка на нашиот млад музичар Мартин Милески на познатата „Кој да ми запее“ на Каролина Гочева.

 |  Мишел Наумоски  | 

Промовирано видеото за одличната инструментална преработка на охриѓанецот Мартин Милески на нумерата „Кој да ми запее“ од нашата позната музичка дама, Каролина Гочева . Милески кој на охридската јавност и е познат по неговите преработки на бројни светски хитови пред се од рок музиката, денес го промовираше своето прво професионално изработено видео пред охриѓани. Видео спотот е изработен во соработка со Николче Мицески и Весна Малинова.

„Видеото беше во изработка седум недели, прилично долго време и беше макотрпна работа. Како камерман ми беше Кристијан Љушев, монтажер ми беше Влатко Дојчиноски со кој работам веќе долго време, песната всушност ја имаме преработено во видео запис како девојче шета низ Охрид и ги открива неоткриените убавини на Охрид, тоа прекрасно девојче е Мартина Балеска, која ќе имате можност да ја запознаете. Во практика го следевме текстот од песната, за да се изработи видео записот.“-вели Мартин Милески, музичар.

Милески вели дека не запира на ова видео. Според него ова е всушност и официјалниот почеток на неговата професионална музичка кариера.

„Постојано имам настапи, подготвувам моментално и авторски албум, имам песни за македонски познати изведувачи, исто подготвувам и етно албум за летово, но ќе видиме како ќе се одвива. Сега-засега се се планови, мојот авторски албум е веќе почнат, ќе содржи седум песни, блуз-рок, ќе биде во изработка две години, засега тоа ми се плановите, се надевам дека ќе има и повеќе.“-рече тој.

Милески покрај промовираното видео, присутните граѓани во кафе барот Аквариус каде се одвиваше промоцијата, заедно со неговиот бенд ги почести и со убава свирка како благодарам за нивното присуство.