Skip to main content

Промовирана студијата за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид

Промовирана студијата за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид. Со неа ќе се заштитува културното и историското  богатство од стариот дел на градот.  Во изработката на оваа студија учествуваа претставници од Завод и музеј Охрид, а истата е поддржана од Општина Охрид и францускиот град Каен.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Со студија за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид ќе се заштитува неговото културно и историско богатство. Горан Патчев, архитект- конзерватор во Завод и Музеј кој ја промовираше оваа студија рече дека таа е севкупност од мерки за зачувување и активно вклучување на недвижното културно наследство во животот на заедницата, како фактор на одржлив општествен развој, особено во областа на планирањето и уредувањето на просторот, инвестициската изградба, заштитата на животната средина и природата.

Се соочуваме со нарушување на автентичноста на старото градско јадро кое траело со години. Се надеваме дека со овој план интегрирано ќе го заштитиме, а ќе им помогнеме и на инвеститорите  и на тие кои носат одлуки  да се спречи понатамошна деградација. Ревитализацијата на старото градско јадро да оди во позитивна насока, вели Патчев.

Изработката на планот за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид  во поголем дел е финансирана преку заеднички проект со соработка со збратимениот град Каен од Нормандија, Франција, со чии претставници од областа на заштитата на културното наследство беа реализирани средби со размена на знаења и искуства. Во рамките на проектот се финансира изработка на план за заштита на старото градско јадро, кој е изработен од страна на консултантската компанија „Таргет Комуникации“ од Скопје, рече Патчев.
Дел од планот е и маркетинг стратегијата за одржливост на старото градско јадро на Охрид, која треба да обезбеди низа предлози и проверени практики за економска валоризација, како бенефит од презентацијата на богатото културно наследство. Задоволство од овој заеднички проект искажа и претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска.

Особено не радува што Општина Охрид, во соработка со партнерот, збратимениот град Каен од Нормандија и Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј, го имплементира овој важен проект. Со промоцијата на предлог- планот на Студијата за интегрирана заштита на старото градско јадро и маркетинг стратегијата, се прави крупен исчекор за валоризација, заштита и промоција на културното наследство и негова одржливост, рече Гордана Коњановска, претседател на Советот на општина Охрид .

Огромното културно наследство во старото градско јадро, кое го оставале цивилизаците пред нас мора да се заштитува, но тоа не е едноставна и евтина работа, подвлече Коњаноска. Токму затоа е потребен интегриран пристап и користење на искуства од други средини, со што овој процес ќе биде покоординиран и поефикасен, додаде таа. Се констатира дека сепак најголем фактор за заштита на културното наследство е човекот и подигнувањето на свеста на граѓаните во правец на менување на нивниот однос кон она што е наследено од минатото.