Skip to main content

Предвелигденско изненадување за дечињата од градинката во Лескоец

Предвелигденско изненадување за дечињата од градинката во Лескоец. Денес си добија нови патики, лизгалка и полно играчки. Овие подароци ги обезбедија наши сограѓани кои сакаат да ги поттикнат сите стопанственици и бизнисмени кои можат да даруваат да го сторат тоа.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Нови патики лизгалка, кукли и автомобили добија дечињата од градинката во село Лескоец. Тие со нескриена радост ги прифатија подароците и со една детска искреност се заблагодарија на овој убав гест.
Овие подароци се обезбедени благодарение на група граѓани кои сакаа на ваков начин да им ги разубават велигденските празници на најмладите. Иницијаторот на оваа акција Горан Топалоски кажува дека нема некоја посебна причина зошто ја избрале токму градинката во Лескоец за да направат еден ваков гест, но додава дека во очи на големиот христијански празник Велигден сакале да поделат жубов и радост меѓу најмладите.

Поклончињата кои се за дечињата од оваа градинка се едно тетрално поклонување на генерациите кои треба да не наследат. Ние нема да застанеме тука. Јас заедно со моите пријатели кои ја потпомогнаа оваа акција не застануваме. Продолжуваме со вакви акции и после празниците, а ќе ги посетиме и другите градинки во руралните средини, но и во Охрид, вели Топалоски.

Топалоски кажува дека оваа акција сакаат да биде поттик за сите стопанственици и бизнисмени кои можат да даруваат. Тој додава дека доколку се сака се се може. Посебно тој и неговите пријатели ќе се залагаат да им се подобри животот на најмладите и да им се пружи вниманието кое го заслужуваат бидејќи децата се нашата иднина. Дел од организаторите на оваа акција е и Гоце Ѓоргиески кој пак е посебно горд што токму првите подароци беа поделени во градинката во Лескоец бидејќи тој потекнува од ова место.

Јас сум израснал овде, сум се школувал и сега сум дошол до позиција да направам нешто за моето родно место. Навистина посебно е чуството кај мене што овие подароци ги добија децата од Лескоец, рече Ѓоргиески.

Покрај дечињата на денешната посета и подароците се израдуваа и воспитувачките во градинката.

Ние навистина сме пријатно изненадени и задоволни што сега го збогативме нашиот фонд на играчки. Добивме баш она што ни недостасуваше. Многу сме благодарни што некој се сетил и на нас и не не заборавил, вели воспитувачката Ирена Тодоровска.

Инаку градинката во Лескоец функционира повеќе од две години. Во оваа група моментално има 27 деца на возраст од 2,5 до 6 години. Персоналот е задоволен од условите во кои се згрижени децата, а задоволни се и нивните родители.