Skip to main content

Трпејчани добија повеќенаменско игралиште

Од месната заедница велат благодарни се и очекуваат да се продолжи со развојот на овој туристички бисер.

 |  Мишел Наумоски  | 

Жителите на туристичката населба Трпејца добија повеќенаменско спортско игралиште веднаш до училишната зграда во населбата. Денес тоа беше свечено пуштено во употреба од страна на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој рече дека овој, според него корисен инфраструктурен зафат го покажува балансираниот пристап на локалната за подеднаков развој на сите делови од општина Охрид. Бакрачески потенцираше дека ова е само дел од грижата за правилен раст и развој на најмладите генерации.

„Во изградба на игралиштето, учествуваа двете јавни претпријатија основани од општина Охрид, Нискоградба и Градски гробишта, со што беше реализиран едно ветување на локалната самоуправа со буџетски средства од околу 600 илјади денари, конечно да се уреди просторот пред ова училиште и секако не само за учениците кои што учат овде туку и за трпејчани да имаат можност своето слободно време да го поминат тука, на ова место, да се рекреираат, да спортуваат и да се забавуваат.“-вели градоначалникот Бакрачески.

Месното население задоволно од реализацијата на овој инстраструктурен зафат во Трпејца.

„Ви се заблагодаруваме за изградбата на ова повеќенаменско игралиште за спорт и рекреација, за санацијата на санитарниот чвор во училиштето, за пополнување на дупките што се наоѓаа во центарот на Трпејца. Сега ќе ве замолам пред сите градоначалник, да не застанеме тука.“-рече претседателот на месната заедница од Трпејца, Милчо Стефаноски.

Градоначалникот Бакрачески порача дека во заедничка соработка токму со месното население и понатака ќе се работи на подобрување на инфраструктурните услови за сите жители, но и за гостите кои секое лето доаѓаат во Трпејца.

Бакрачески додава дека тие како локална самоуправа ќе ги следат напорите на трпејчани за создавање на вистински најблескав бисер на охридската ривиера од населбата Трпејца. Инаку, изградбата на ова повеќенаменско игралиште во Трпејца е дел од програмата на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при Локалната самоуправа.