Skip to main content

Олимписки ден во Охрид

Да се биде олимпиец, е посебно чувство, учеството во Олимпијада е врвот во кариерата на еден спортист, вели младата охриѓанка Нина Балабан која е првиот македонски спортист кој доби потврда за учество на Летните олимписки игри 2016 во Рио де Жанеиро. Таа денеска учествуваше на прекрасно организиран Олимписки ден кој го приредија Асоцијата за спортови „Спорт за сите, сите за Спорт“, Македонскиот олимписки комитет и основното училиште „Христо Узунов“.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Под петте олимписки кругови денес во дворот на ОУ „Христо Узунов“беа претставени девет спортови меѓу кои теквондо, карате, гимнастика, алпинизам, атлетика, фудбал, пинг понг, кошарка и ракомет. Охрид во изминатите неколку години прерасна во партнер на спортот, истакна градоначалникот Никола Бакрачески. Континуираното инвестирање во спортот, во спортската инфраструктура, вродува со плод и со право може да се каже дека нашиот град живее во духот на спортот, додаде градоначалникот. Тој нагласи дека како локална самоуправа многу направиле и за подигнувањее на спортската култура преку спортската едукација проследена низ разни проекти, настани и манифестации. Бакрачески на првата потврдена учесничка од Македонија на Олимписките игри, охриѓанката Нина Балабан и посака успех, како и тоа на цел свет да му покаже што значи да потекнуваш од древниот Охрид, а за возврат охриѓани цело време ќе ја поддржуваат.
Да се биде олимпиец е прекрасно чуство, а да се учествува на олимпијада е врвот на кариерата на еден спортист, изјави Нина Балабан.

„Самите олимписки вредности, фер игра која што владее, толеранцијата, запознавањерто на култури, нови пријателства е дел од секој живот. Моите очекувања се да го дадам целиот свој максимум како и секогаш досега и се надевам дека ќе постигнеме високи резултати. Подготовките траат веќе две години, но од 2 јуни официјално заминувам во Нови Сад, Србија, а таму ќе се подготвувам со српската олимписка репрезентација и ако што ми е најавено ќе имам секој ден тренинг по 8 часови, што навистина сметам дека е многу, но сепак таков е патот за Рио“- вели Балабан.

Меѓу присутните гости беше и првиот човек на МОК, Васил Тупурковски. Тој истакна дека денешниот Олимписки ден во Охрид бил најдобар, најспектакуларен и најдобро одржан некогаш во Македонија. Тупуркоски нагласи дека неговите впечатоци од маестрално организираниот Олимписки ден ќе ги пренесе во МОК и во Централниот комитет.

„За нас е тоа на еден начин триумф, затоа што преку овие олимписки денови сметаме дека сме учесници на еден светски олимписки ден каде што младите се дружат, се борат за тоа што го сакаат, тоа е мир културно натпреварување итн. Посебно ми беше драго што денеска со нас беше и Нина Балабан која што е од Охрид и ги доживеа овие убави моменти да ја споменуваат да и посакуваат успех на игрите во Рио и ние исто така се гордееме со неа“ – вели Тупуркоски.

Инаку на Олимпискиот ден учениците од Христо Узунов се претставија и со неколку изведби на музички точки, од најдобрите ученици беше подигнато олимпиското знаме, имаше изложба на уметнички слики а на крај спортистите имаа презентација на нивниот спорт.