Skip to main content

Охрид ќе аплицира за учество во четири меѓународни проекти

Локалната самоуправа ќе аплицира за четири проекти преку програмите за прекугранична соработка со Грција. Денес истите добија зелено светло од советот на општината, а се однесуваат на водени еко тематски менаџмент активности, историска мрежа на златни спортски медали, интеррегионално управување со културното наследство преку електронски систем како и здравствени и социјални услуги за стари лица и деца и нивна превенција. Иако истите беа поддржани како позитивни, опозицијата не ги прифати бидејќи според нив не може да гласаат проекти за кои немаат никакви информации.

 |  Мишел Наумоски  | 




Вотеренерџи, Виа Игнација крстопат Прикторија историска мрежа на златни спортски медали, Интеррегионално управување со културното наследство или Ирк Хермес како и Меѓугранична соработка и интегрирани здравствени и социјални услуги за стари лица и деца и нивна рана превенција или Крос4Ол. Ова се четирите проекти кои денес беа изгласани од страна на советниците во Советот на општина Охрид, а кои се дел од европските програми за прекугранична соработка на Македонија со Грција. Иако истите беа оценети како позитивни од страна на опозициските советници, тие не гласаа позитивно за овие предлог одлуки од причина што според нив немаат доволно информации за самите проекти како би донеле информирана одлука.

„Ние сме како советници должни да разговараме на она што е пишан документ и она што се пишани бројки. Тоа е она што нас не интересира. А не некој воопштено да ни објаснува дека од проектите ќе имал бенефит Охрид. Па ние знаеме дека во принцип ќе има бенефит Охрид, меѓутоа токму и за да видиме кој е бенефитот во Охрид и за да видиме дали можеме да обезбедиме уште поголеми бенефити за Охрид и во проектите, меѓутоа ние сме должни од друга страна кога носиме некоја одлука да бидеме и по малку скептични затоа што ако немаме соодветни материјали некој може да се запраша од нас дали тука станува збор за некаква манипулација. Во случајов имавме една класична ситуација во која некој аплицира да изгради куќа, а нема никаков проект како ќе ја гради таа куќа. Ќе издаде ли градоначалникот дозвола и одобрение за градба на таа куќа? Нема сигурно да издаде.“- кажа Јован Стојаноски-координатор на советничка група на СДСМ

Според секретарот на општината Димитар Спасески пак поддржувањето или позитивната оценка на одредени проекти кои се во интерес на општина Охрид се покажува преку давање зелено светло за истите. Додава дека фактот што опозициските советници не гласале на тој начин е доказ дека тие не ги поддржуваат овие проекти.


„Тие често пати под превезот дека поддржуваат ама заради нешто друго не може да гласаат „ЗА“ се обидуваат да ја затскријат својата немоќ да ги поддржат одлуките кои самите знаат дека се за добро на Охрид. Овие одлуки не ја добија потребната поддршка од страна на советниците на опозицијата, а во однос на образложението не се согласувам, претставникот на Секторот за ТЛЕР, тој е првично определен да ги брани самите одлуки каде што се наведени финансиските показатели со кои што ние учествуваме. И на седниците на комисиите, и на седниците на советот на општина Охрид претставникот на Секторот за ТЛЕР, беше на комплетно располагање на сите советници да ги одговори нивните прашања.“-вели секретарот Спасески.

Инаку како што појаснуваше претставникот од Секторот за ТЛЕР, Горан Мицкоски, станува збор за максимално искористена законска можност за аплицирање на четири проекти за прекугранична соработка во вкупна вредност од околу 620 илјади евра. На ваквите појаснувања од надлежните служби реагираа опозициските советници велејќи дека ваквите информации требало да им бидат доставени пред самата седница, а не истите да ги дознаваат за време на седницата.