Skip to main content

Општината повторно ќе го плати долгот за струја на ОУ „Григор Прличев“

Охридските советници изгласаа уште една одлука за плаќање на долгот на основното училиште Григор Прличев кон ЕВН. И покрај зеленото светло кое го доби одлуката, советниците од опозицијата реагираа дека со ова само се третираат последиците од проблемот, а не се изнаоѓа трајно решение на истиот. Секретарот на општината пак, Димитар Спасески со уверување дека локалната работи максимално посветено на трајно решение на проблемот.

 |  Мишел Наумоски  | 

Основното училиште „Григор Прличев“ повторно со општинска помош ќе го регулира  заостанатиот долг кон ЕВН, бидејќи е во неможност да го плати поради блокираната сметка за нерешени имотно правни односи. Охридските советници досега неколку пати се најдоа во ситуација да изгласуваат ваква предлог одлука, а барем засега долгорочно решение за проблемот не е постигнато. Советниците од опозицијата велат дека иако даваат поддршка на одлуката за излегување во пресрет на ова основно училиште, сепак сметаат дека проблемот суштински не се решава. Признаваат дека станува збор за проблем кој е навистина комплициран и потекнува од многу одамна, но и дека локалната дала ветување за негово трајно решавање, ветување кое според нив до денес не е исполнето.

„Ние ги решаваме последиците на проблемот, значи трета одлука во која ние онака од сожалување или некои други емотивни причини даваме поддршка за одлуката меѓутоа не се решава и во основа проблемот, а уште на првата седница кога ние доблесно постапивме како советничка група и рековме дека овде можеме да имаме и политичка борба, да објасниме колкава е неспособноста на градоначалникот и општинската администрација за вистинско решавање на проблемот, сепак ја гласавме таа одлука. Тогаш ни беше ветено од страна на градоначалникот и збор беше даден дека во скоро време оваа општинска администрација ќе го решела проблемот, за жал сведоци се и граѓаните, и ние како директни актери во овој совет дека тој проблем апсолутно не е решен и ние заради тоа побаравме како советничка група да ни бидат доставени материјали за да видиме што е суштината на проблемот.“- изјави Јован Стојаноски-координатор на советничка група на СДСМ.

Секретарот на општината Димитар Спасески, кој меѓу другото во недостиг на раководител на секторот за образование е одговорен за овој сектор вели дека волјата на локалната да се реши проблемот е неоспорна и на тоа посветено работат.

„Ако се грижеле и за тоа, со оглед на тоа дека тие осум години го водеа градот Охрид, и овој проблем ако им бил толку приоритетен, веројатно кога ја воделе локалната самоуправа ќе преземеле повеќе мерки и активности и правни средства кои што во моментот им стоеле на располагање да ја спречат оваа одлука. Ние како локална самоуправа најдовме конечно извршно решение завршено на сите судски инстанци против општина Охрид. И од тој момент навака го извадивме предметот. Градоначалникот неколку пати кажа дека ние посветено работиме на решавање на овој проблем и во елаборацијата претходно што ја споменав, кажав дека ние навистина сме посветени во решавање на овој проблем, меѓутоа ние сме едната од страните. Договор ќе има во оној момент кога двете страни ќе се согласат да прифатат еден од моделите кои што моментално се разгледуваат од страна на адвокатските тимови.“-изјави Димитар Спасески-секретар на општина Охрид.

Инаку оваа одлука за исплата на долгот на основното училиште „Григор Прличев“ кон ЕВН Македонија ја доби поддршката на сите советници, иако од страна на опозицијата беше поставено прашањето како ова училиште ги подмирува другите свои доспеани обврски кога има блокирана сметка, како и тоа на која сметка легнуваат средствата кои училиштето ги прибира по основ на издавање на термини во спортската сала во рамките на училиштето.