Skip to main content

Зеленчукот и овошјето од голем број маркети и продавници, изложено на улица

Зеленчукот и овошјето од голем број маркети и продавници, изложено на улица. Граѓаните се жалат дека јадеме патлиџани и пиперки со олово. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија апелираат да ги пријавууваат ваквите случаи како надлежните институции би можеле да преземат мерки.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Голем дел од маркетите и продавниците во градов зеленчукот и овошјето кои се за продажба го имаат изложено на тротоарите кои се наоѓаат пред нив, се жалат потрошувачите. Тие додаваат дека покрај што овие прехрамбени производи се изложени на секакви временски влијанија тие се загадуваат и со издувните гасови од автомобилите кои поминуваат на сообраќајниците. Од Организацијата на потрошувачи на РМ велат дека на ваков начин се крши законот и граѓаните слободно да  пријават за сите воочени недоследности при продажба на овошје и зеленчук.

Доколку потрошувачите се посомневаат дека поради изложеноста на производите покрај улиците имаат апсорбирано олово и други штетни материи треба да пријават и да се земе примерок од прехрамбените производи  и да се испрати во лабораторијата на Агенцијата за храна и ветеринарство. Доколку се утврди дека има недозволени материи за сопственикот на продавницата ќе следуваат санкции, вели Иво Костоски, правен советник во ОПМ.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека услов за безбедноста на овошјето и зеленчукот кој се продава, е исполнувањето на стандардите за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, но пред се добра манипулација на овошјето и зеленчукот од самите потрошувачи, што подразбира соодветно чување и адекватно миење, а по потреба и термичка обработка пред консумацијата. Од почетокот на годинава досега на ниво на држава, од страна на инспекторите за храна извршени биле 270 контроли на трговски објекти со овошје и зеленчук. Земени се 75 мостри за испитување и не се констатирани некои поголеми отстапувања од дозволените количини на пестициди и други штетни материи во производите.

Од ОПМ велат дека проблемот со изложување овошје и зеленчук на несоодветно место има два аспекти. Првиот и поважниот е здравствениот, но другиот исто така доста важен е узурпирањето на јавна површина. Тука треба да проверува и санкционира Пазарната инспекција.

Апелираме се почесто потрошувачите да не се срамат и да пристапат до ОПМ и да ги пријавуваат овие случаи, а ние после тоа ќе ја доставиме пријавата онаму каде што треба, т.е. до надлежните институции, вели Костоски.

Од ОПМ потенцираат дека овој проблем е поевидентен во летниот период кога некои граѓани си земаат за право да узурпираат јавна површина па бесправно продаваат овошје и зеленчук каде ќе им текне. Сугерираат инспекциските служби да се екипираат и добро да се подготват за работа на терен за да нема поголеми прекршувања на законите, а и на правата на потрошувачите.