Skip to main content

Максим Венгеров познатиот виолинист чија музика не познава граници, повторно на „Охридско лето“

Виолинистот чија музика не познава граници вечерва на Охридско лето. Максим Венгеров на публиката во катедралната црква Св. Софија ќе и приреди неповторливо задоволство. Во рамките на „Охридско лето“ оваа година се одржува и летна музичка академија на која маестро Венгеров има часови со млади уметници меѓу кои има и талентирани деца од Македонија.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Максим Венгеров, едно од највпечатливите имиња на светската уметничка сцена, познатиот виолинист чија музика не познава граници, повторно на „Охридско лето“. Директорот на фестивалот Оливер Арсовски рече дека сите кои вечерва ќе присуствуваат на концертот на Венгеров ќе имат едно неповторливо доживување, а уметничката директорка Елизабета Јосифова Неделковска изрази задоволство што Охрид и Македонија ќе бидат домаќини на една од највлијателните музички личности на денешницата. Венгеров со нескриено задоволство кажа дека секогаш со големо задоволство и радост доаѓа на „Охридско лето.“

Среќен сум што истовремено како музичар и диригент ја имам привилегијата да ја реализирам скромната мисија што ми ја остави мојот музички татко Јехуди Мењухин. Честа да се настапува тука носи и одговорност бидејќи покрај што треба да ја направам публиката среќна и задоволна треба да пренесам и дел од моето искуство на младите уметници кои доаѓаат после мене, рече маестро Венгеров.

Во рамките на „Охридско лето“ оваа година се одржува и летна музичка академија на која маестро Венгеров има часови со млади уметници меѓу кои има и талентирани деца од Македонија. Со тоа Охрид ќе биде промовиран не само како град на уметноста и туризмот туку и како универзитетски центар во овој дел од Европа.

Младата уметничка Георгина Поповска е посебно возбудена и горда што ќе работи со светски познат виолинист како што е Венгеров.

Да се работи со Вегнеров и Академијата Мењухин е навистина благослов. Ние научивме многу, се дружевме и тоа е животно искуство кое никогаш нема да го заборавам, рече Поповска.

Концертот на познатиот виолинист и уметниците од Академијата „Мењухин“ е вечерва во катедралната црква Св. Софија со почеток во 21 часот. Ќе свират дела од Моцарт и Шостакович.