Skip to main content

Пешачките премини постојано се бојадисуваат и пребојадисуваат

Бојата од пешачките премини кои се обележуваа само пред еден месец повторно избледе. Граѓаните се жалат дека една иста работа се прави по неколку пати. Се сомневаат во квалитетот на бојата со која се обележуваат зебрите. Од локалната пак тврдат дека тоа се висококвалитетни рефлектирачки бои и дека за оштетувањето на пешачките премини виновни се и несовесните возачи.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охриѓани се жалат дека пешачките премини во градов постојано се бојадисуваат и пребојадисуваат. Тие велат дека тоа се должи на лошиот  квалитет на бојата со која се обележува хоризонтална патна сигнализација па затоа зебрите брзо се бришат. Деновиве повторно се бојадисуваше дел од хоризонталната сигнализација кај вториот чинар и дел од  пешачките премини и другата хоризонтална сигнализација на најфреквентната охридска сообраќајница, булеварот „Туристичка“ кои се обележуваа пред еден месец, одвај се препознаваат. Од Секторот за комунален развој и сообраќај признаваат дека состојбата со дел од пешачките премини е лоша, но вината ја префрлаат на несовесните возачи кои не застануваат навреме пред пешачкиот премин па оставаат траги од автомобилските гуми.

Во градов ЈП „Нискоградба“ е постојано на терен  и работи на оваа проблематика и каде што ќе се евидентира дека пешачките премини не се добро обележани тие се освежуваат, вели Љупчо Танески, од Секторот за комунален развој и сообраќај.

Во однос на поплаките дека хоризонталната сигнализација се бележела во несоодветен временски период, Танески вели дека внимаваат тоа да се прави во вечерните часови кога има помалку сообраќај за да не им се попречува на пешаците и возачите, а и за да може бојата добро да се исуши.
Обележувањето на хоризонталната сигнализација покрај „Нискоградба“ го врши струшката фирма „Ала компани“ која имала најповолна понуда на јавниот повик од локалната самоуправа.

Не работиме парцијално туку етапно земајќи го во предвид фактот дека се наоѓаме на средина на туристичката сезона. Централното градско подрачје се бележеше пред еден месец, а сега се бележи во поширокото градско подрачје  и во периферните делови од градов, вели Танески.

Танески тврди дека бележењето се прави со висококвалитетна рефлектирачка боја која  би требало да биде видлива и да го задржи првобитниот изглед најмалку 180 дена односно 6 месеци од нанесувањето.