Skip to main content

Започна проектот за изградба на детски игралишта во градов

На повеќе локации во градов ќе се градат повеќенаменски детски игралишта. Веќе започнаа градежни работи во ОУ „Св. Климент Охридски“ каде ќе се уредува спортскиот терен и ќе се прави трибина, а ќе се прави и детско игралиште. Парите се од буџетот на општина Охрид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Започна проектот за изградба на детски игралишта на територијата на општина Охрид. Во тек е изградбата на детско игралиште во ОУ „Св. Климент Охридски“. Просторот за таа намена е со површина од 140 метри квадратни и веќе е бетониран, а монтирани се дел и од детските реквизити. Во наредна фаза од изградбата ќе се поставува гумената подлога.
Вредноста на проектот е 517.819 денари и се реализира со средства од буџетот на општина Охрид.

Идејата за изградба на вакви повеќенаменски игралишта е на градоначалникот Никола Бакрачески и неговите средби со жителите на Урбаните заедници и Месните заедници на општина Охрид и нивното барање за изградба на катче за забава на најмладите но и на повозрасните кои рекреативно се занимаваат со спорт, вели Љупчо Танески-сектор за комунален развој, сообраќај и улици.

Со цел младите да се вратат на спортските терени и да се насочат кон физичка активност со што ќе градат здрави животни навики изминатиов период општина Охрид го реконструира детското игралиште кај каналот „Студенчишта“, а се изградија и повеќенаменски игралишта во населбите Лескајца и Подмоље. Поради негативните искуства од минатото кога се руинираа ваквите детски игралишта и спортски терени Локалната изнаоѓа начини како да ги заштити и да ги сочува во кондиција.

Сите новоизградени и реконструирани детски игралишта по налог на секторот за комунални дејности и градоначалникот секојдневно се под надзор на службите на јавните претпријатија. Првенствено за нив се грижи ЈП „Градски пазар“, а за хигиената и хортикултурното уредување ЈП „Комуналец“, вели Танески.

Наредниов период Локалната власт детски игралишта ќе гради во населбите Воска, Даљан, Рача, Стобекс, кај градскиот парк на кеј „Македонија“, во близина на пешачката патека што води кон хотел „Парк“, а ќе се реконструира и доуреди постоечкото игралиште на улица „Крали Марко“.  Повеќенаменско игралиште доби и село „Трпејца“, а во тек на градба е и игралиштето во село Лескоец.