Skip to main content

Започнува фестивалот Охрид колинг

Охрид со развој на концертниот туризам ќе ја продолжува туристичката сезона. Започнува фестивалот Охрид колинг. За настапите на Ники Ромеро,  Лос Фреквенси, Ал Ди Меола и Продиџи карти се купуваат не само во земјава туку спсцијално за концертите гости ќе допатуваат од Бугарија, Албанија, Србија, Грција, па дури и од Англија.Организацијата на овие музички настани е на продукциската куќа Авалон потпомогната од Локланата самоуправа.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Се е подготвено за почетокот на фестивалот Охрид колинг. Локалната самоуправа заедно со продукцијата Авалон го организираат овој фестивал кој започнува од 1ви август и ќе трае до 14 август. Во овие 14 дена гостите и охриѓани имаат можност да бидат дел од три музички настани на светски познати музичари. На 1ви август настапуваат познатите холандски и белгиски ди џеи Ники Ромеро и Лос Фреквенси, на 13ти август на антички театар настапува познатиот гитарист Ал Ди Меола и на 14ти август музичката атракција Продиџи кои ќе одржат концерт на СРЦ „Билјанини извори“. Градоначалникот Никола Бакрачески рече дека нивна интенција е фестивалот Охрид колинг да го направат препознатлив бренд на градот со кој ќе привлекуваат голем број гости.

Продолжуваат напорите на Локланата  да воведе нови правци во промоцијата на туристичката понуда  на Охрид  и на тоа што градов го нуди како културно-забавен живот. Овие настани ќе бидат посебно доживување за гостите, но и за охриѓани, вели градоначалникот.

Градоначалникот им се заблагодари на членовите од тимот на Авалон кои ги направиле сите напори за Охрид во наредниот период да заличи на светски познатите сцени на кои се одржуваат концерти од голем калибар. Денис Илиoски долгогодишен член на продукцијата Авалон рече дека фестивалот Охрид колинг ќе биде фестивал на секој охриѓанец, но и на секој македонец.

Да го сакаме и фестивалот и да го помогнеме како да е во нашиот град. Да направиме Охрид да се покаже во  најдобро светло и да им парира на светските центри каде се одржуваат вакви концерти. Факт е дека еден фестивал како што е Егзит прерасна во светски, а зошто тоа да не биде случај и со Охрид. Во последно време се повеќе концертниот туризам зазема се поголеми рамки па тоа ќе биде наша цел за понатаму, рече Илиoски.

Интересот за концертите може да се види и по продажбата на карти. Се купуваат во Бугарија, Албанија, Србија, Грција, а за настапот на Продиџи најавени се повеќе тури од Англија.  Охрид со овој фестивал се планира да прерасне во регионален центар, а на Охрид колинг од година во година да има се подобар квалитет и позвучни имиња.