Skip to main content

ТЛЕР и годинава преку анкетни прашалници ќе го проверува квалитетот на туристичката понуда

Секторот за туризам и локален економски развој и за оваа туристичка сеозна подготви  формулар на кој сите чинители кои се дирекно вклучени во туризмот, како и гостите да можат да ги стават своите забелешки и да кажат од што се, а од што не се задоволни.

 |   | 

Три години со ред Секторот за ТЛЕР кон крајот на летниот период изготвува анкетни прашалници кои најмногу ги доставуваат до хотелиерите, дел до приватните станоиздавачи, а дел од анкетираните странски туристи се контактираат и преку социјалните мрежи, вели Ѓоко Апостолов од Секторот за ТЛЕР. Анкетниот прашалник најмногу се однесува на видот на туристичките услуги во Охрид, со претходно изработена анализа на типот и профилот на самиот гостин кој е анкетиран од повеќе аспекти.

„И врз основа на тоа може да се извлечат одредени сознанија на какво ниво се услугите кои се нудат во Охрид, што е она што треба да се поправи, што е она што треба да се задржи односно е означено како позитивно и сметам дека ваквиот начин на извлекување на информации од оние кои ги користат туристичките услуги во градот е е еден добар метод како да се извлечат релевантни податоци за се она што значи подобрување на туристичкиот производ и услуга во градот“ вели Апостолов.

Апостолов објаснува дека конечните резултати од испитувањата се доставуваат до сите туристичко угостителски чинители како еден заклучок од летната туристичка сезона. Што се однесува до забелешките кои туристите ги имаат, истите се добро познати на претставниците од ТЛЕР.

„Забелешките може да се поделат во повеќе категории и се она кое и ние самите го знаеме, забелешки на сообраќајната инфраструктура, гужвата во градот за време на летниот период, бучавоста, делумно и на хигиената, но се ова се работи кои нам ни се познати“ објаснува Апостолов.

Од ТЛЕР додаваат дека сите забелешки ќе бидат прибрани и земени во предвид со цел наредната туристичка сезона да биде поуспешна од оваа.Во секторот се прават и други видови на истраувања, компаративни анализи кои се однесуваат на повеќе аспекти на туризмот во градов, конкретно штотуку завршија анализите на летовите кон и до охридскиот аеродром, кои треба да откријат каков тип на туристи доаѓаат, со цел туристичката промоција во иднина да се насочи кон таа целна група.