Skip to main content

Студентски дом „Никола Карев“ во Охрид, подготвен да ги прими новите студенти

И годинава студентите по електронски пат ќе можат да си обезбедат место во домот, начин кој во голема мера им ја олесни работата на административците од домот и кој не остава простор за манипулации.

 |   | 

Државниот студентски дом „Никола Карев“ во Охрид, обезбеди 46 легла за студентите од I година. Бројката на легла за студенти од II, III, IV, V и VI год. и апсолвенти пак, изнесува 185 или вкупно на располагање се 231 легло. Директорот на домот Марјан Ристески очекува исполнетоста оваа година да биде околу 90%. Тој додава дека во изминатиов период континуирано се работи на подобрување на условите за сместување и во целост се подготвени да ги пречекаат новите студенти. Електроснкиот начин на аплицирање на студентите пак, во голема мера им ја олеснил работата.

„Се прекина она озборување дека се делеле места по различни основи веќе тука нема простор за никакви манипулации, студентот електронски аплицира, системот автоматски ги исфрла сите оние кои ги исполнуваат сите зададени критериуми, така да секој ќе си го добие заслуженото според условите кои ги има“ објаснува Ристески.

Рокот за електронското пријавување на студентите од I година почнува од 20-ти август и трае до 28-ми август 2016 година. Конечните резултати за студентите од прва година ќе бидат објавени на 9-ти септември. По објавување на конечните списоци со примени студенти по домови, доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи сè до нивно пополнување, но најдоцна до 29-ти септември годинава.

„Од вкупниот број на расположливи места во студентските домови 40% се отстапуваат за студенти кај кои личните примања во нивното семејство се под утврдената нето плата во РМ. Во таа категорија влегуваат деца без родители, деца со посебни потреби, деца корисници на социјална помош, деца на самохрани родители“ вели директорот на домот.

Студентот се вселува во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список. Доколку студентот, кој е примен согласно овој Конкурс, не потпише договор во предвидениот рок, тогаш истиот нема право повторно да конкурира за сместување во дом.