Skip to main content

Во охридската чаршија повеќе шетачи од купувачи

 Во охридската чаршија повеќе шетачи од купувачи.

 |  Валентина Неловска  | 

Сувенири од керамика, кожа, стакло, плетени и везени работи, накит, слики, се дел од производите кои се нудат во охридската чаршија. Продавачите кажуваат дека најмногу се барани производите кои носат ознака hendmade. Цените  се пристапни и има купувачи, велат едни, а пак за други оваа сезона продажбата оди слабо. Опинчарот Милан Белески, познат занаетчија во охридската чаршија, вели годинава туристите повеќе гледаат отколку што купуваат и сезоната е просечна.

„И лани беше вака не беше  нешто подобро.Шетаат луѓе по чаршијата, некој влегуваат, гледаат, нешто што има ќе купат, некој мал сувенир“, вели мајстор Милан.

Во охридскиот пазар се нудат како сувенири  плетени и везени работи. На една од тезгите ја најдовме и Весела Стефанова која 6 децении се занимава со продажба на плетени и везени ракотворби. И таа како Белески вели, годинава  слабо се купуваат овие уметнички изработени предмети  кои веќе изумираат.

„Мртва  е чаршијата. Никој не ги цени овие работи, велат тоа е демодирано, како нашите, така и странските туристи. Пред 2 години беше убаво, се продаваше сега не“, кажува Стефанова.

Поголемиот број на туристи,  кои го посетуваат Охрид, најмногу ги бараат  сувенирите магнети  и производите од керамика како што се садови со капак, свеќници, ѕвончиња, вазни за цвеќе. Попривлечни се поефтините производи кои се и најчесто купувани од туристите.