Skip to main content

Иван Џепароски ја понесе наградата „Браќа Миладиновци“ за „Светлината на Света Гора“

„Светлината на Света Гора“ е книгата која годинава на  јубилејно 55 то издание на СВП на истакнатиот поет Иван Џепароски му ја донесе наградата „Браќа Миладиновци“. Овој момент според директорот на манифестацијата, Мите Стефоски е триумф и празник на македонската поезија.

 |  Билјана Николовска  | 

Иван Џепароски, ја понесе наградата „Браќа Миладиновци“, за книгата „Светлината на Света Гора“. Паричната награда авторот во целост ја донираше за две намени. Првата во полза на настраданите од поплавите во Скопје, а втората за Бигорскиот манастир во фондот за изградбата на конаците, бидејќи Џепароски смета дека овој манастир најнепосредно е врзан за Света Гора кој ја подржува Светогорската и монашката традиција. Авторот изрази голема благодарност кон жири комисијата и кон организацијата на СВП за искажаната доверба

„Она што се случуваше изминативе 5-6 години по завршување на СВП, беше едно мое духовно патување кое започна 2010 тата година, веднаш по завршувањето во Струга, одев на Света Гора 5 пати и успеав да ги посетам и престојувам во сите 20 манастири на Света Горња. Резултат од тој престој е оваа поетска книга, не ја планирав да ја напишам, мислев да напишам теориска студија, естетичка студија за Византија и возвишеното …но ете излезе да се создаде оваа поетска книга“- изјави Џепароски.

Одлуката на жири комисијата за оваа престижна награда била едногласна на последниот состанок кој се одржал на 25 август годинава, како што истакна претседателката Вера Чејковска. Таа додаде дека наградената книга претставува датум во нашата современа поезија, во која што заедништвото на креативното и интелектуалното е максимално постигнато со едно лирско мајсторство.

„Иако посветена на верата, оваа книга не ја проповеда побожноста во класично значење на зборот. Напротив, овде Богот е возвишениот ред на нештата како врвен закон на природата, закон што треба да се осознае. Затоа овде Бог добива наводници, станува „Бог“. Така е и обичниот човек(монах обичен верник од билокоја вероисповест или намерник) е воздигнат до „Бога“, и тоа преку чинот на човековото саможртвување сфатен како внурнување во исконот, како и преку човековата способност да постигне врвен спокој, односно состојба на едно помирување во едно единство на чуствувањето и умувањето како спротивставени принципи на спознанието“- кажа Вера Чејковска.

Директорот на поетскиот фестивал СВП Мите Стефоски, истакна дека селекцијата е направена работејќи согласно правилникот за наградата „Браќа Миладиновци“. Според него, тоа говори дека манифестацијата СВП е сериозна институција која на еден значаен момент, книжевната награда „Браќа Миладиновци“ и дава можност да биде достојно афирмирана и во светски рамки со тоа што ќе биде обезбеден превод на друг странски јазик.

„Верувам дека овој момент е триумф и празник на македонската поезија и така треба да биде прифатен, верувам дека фокусот кон оваа награда ќе ги предизвика сите оние кои слушнале за наградената книга ќе посегнат по неа и ќе ја прочитаат, но и сите други книги“ -изјави Стефоски.

Инаку помеѓу двете изданија на меѓународниот поетски фестивал СВП, издадени се голем број на нови поетски книги од автори што припаѓаат на речиси сите генерации активни книжевни творци на македонски јазик. Годинава на конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ беа пријавени 46 книги од 44 автори.