Skip to main content

Увоз на работна сила ќе бараат хотелиерите и угостителите од охридско – струшкиот регион

Увоз на работна сила  ќе бараат хотелиерите и угостителите од охридско – струшкиот регион.

 |  Валентина Неловска  | 

На охридско- струшката ривиера во угостителските и хотелските објекти недостасува стручен  кадар. Нема квалифицирана работна сила за работа во кујна, менаџери за управување со објектите,  кувари и  келнери, како и специфичен кадар за работа во СПА центрите. Хотелиерите и организацијата на работодавачи предлагаат увоз на одредени профили за да се задоволат потребите во оваа бизнис сфера. Тие ги бараа причините и решенијата за унапредување на бизнис климата во регионот. Претседтелот на Здружението на хотелиери, Крсте Блажески вели дека работодавачите од оваа сфера проблемот го гледаат  пред се во лошиот образовен систем.

„ Средното образование не дава  доволно квалитетен кадар за исполнување на нашите барања. Се побара  увоз на работна сила за  одреден сезонски период на вработување. Тоа треба да се разгледа подетално. Конкретно, предложивме за создавање во овој дел на бизнисот, на хотелиерските и ресторанските услуги , дека е потребно да се создадат поквалитени кадри за да може да планираме проширување , изградба на нови хотелскиобјекти  и подолгорочна позитивна работа во оваа област“, напомена претседателот на Хотам .

Ангел Димитров, претседател на организацијата на работодавачи, кажа дека Македонија се соочува со проблеми во работната сила. Македонскиот пазар на труд се менува и во многу бранши недостасуваат кадри.  За да се надмине оваа состојба се предлага увоз на работна сила, но и промена на образовниот систем.

„Но, за да се олесни ќе мора да се измени Законот з а вработување на странци кој во Македонија не одговара на реалноста. Процедурите  за вработување на странци  се многу тешки и се пречка за такво решение. Проблемот околу недостигот на работна сила или растот чекорат меѓу понудата  и побарувачката на работна сила на пазарот се присутни  и во системот на образованието. Се договоривме дека треба што побрзо да се решат со нова стратегија во средното и високото образование во кој нешто мора да се менува“, истакна Димитров.

Претседателот на организацијата  на работодавачи потсети дека во Македонија има 15.000 дипломирани студенти кои бараат работа,  800 магистри и 30 доктори на науки, а на стопанството му фали стручен кадар со знаење и вештини. Организацијата на работодавачи и Хотам  бараа заеднички предлог идеи кои ќе ги достават до новата влада по изборите за да се  надмине ваквата состојба.

Исто така, се разгледуваа и проблемите со сезонските работници. Се бараат  начини како тие да се пријават во системот за пензиско  и социјално осигурување и како да се искомпензираат одработените сати за време на туристичката сезона со вон сезоната.