Skip to main content

Уништени канделабри на градскиот плоштад

Канделабри и улични светилки од чии столбови се откорнати капаци, а од отворот штрчат голи и необезбедени жици, е слика која може да се види во речиси сите делови од градот, па и на самиот градски плоштад. Сликата предизвикува страв кај минувачите особено кај родителите чии деца секојдневно поминуваат покрај електричните столбови.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Уништени канделабри во централното градско подрачје во Охрид. На градскиот плоштад од неколку канделабри висат електрични кабли. Тоа не само што претставува грда слика за ова фрекфентно место каде што најмногу циркулираат родители со мали деца, туку е потенцијална опасност по безбедноста на луѓето. Па оттука и оправдани се стравувањата на граѓаните кои ги анкетиравме дека надлежните треба да ги санираат штетите, а несовесните граѓани да престанат да дивеат по општото добро на градов.


„Посебно треба да се внимава, бидејќи многу деца од незнаење можат да ја пикнат раката и да настрадаат“.
„Опасни се и тоа многу, градската власт под итно да преземе мерки и да ги изолира жиците кои висат и да ги постави уредно капаците каде што се елекрричните кабли“ – велат граѓаните.

Како што е познато за канделабрите и уличните светилки на плоштадот и на останатите локални улици надлежна е Локалната самоуправа на оштина Охрид. Секој граѓанин има право доколку види оштетена улична светилка да пријави до надлежниот комунален инспекторат и во најкус временски период проблемот треба да се санира. За ова дело доколку се фати сторителот Законот има предвидено и казна која изнесува 25 000 денари.