Skip to main content

Спасовски: Нема повеќе привилегирани политичари кои трошат народни пари за лично богатење

Секој граѓанин во секое време ќе има можност да изврши увид каде завршуваат неговите пари кои го полнат буџетот на Р. Македонија, изјави, генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски кој денес беше во посета на Охрид.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Секој буџетски денар мора да биде на увид на граѓанинот, порача генералниот секретар на најголемата опозициска партија во земјава Оливер Спасовски. Тој денес на градскиот плоштад одржа прес конференција. Спасoвски рече дека времето на неодговорни политичари завршило. Додаде дека тие како одговорна политичка партија ќе овозможат сите граѓани да имаат редовни и точни информации во кои проекти се вложуваат нивните пари што се слеваат во буџетот на РМ.

„Сите државни институции ќе имаат обврска да доставуваат детални месечни извештаи за сите исплатени пари од буџетот. Исто така ќе се објавуваат и обврските кои што не се исплатени, заедно со образложението зошто тоа не е сторено. Сите овие работи ќе стојат на веб страната на Министерството за финансии“.

Спасовски нагласи дека со воведување на ова, секој граѓанин во секое време ќе биде контролор на Власта и не само тоа, ќе има можност да изврши увид во буџетот на Р. Македонија.

„Нема повеќе привилегирани политичари кои трошат ваши пари за лично богатење како сега и притоа да не понесуваат никаква одговорност. Новата одговорна и транспарентна Влада по промените во декември што ќе ја предводи СДСМ ќе работи во служба исклучиво на Вас граѓаните“

На прес конференцијата Спасовски од новинарите беше запрашан, што презело Министерството за внатрешни работи за расветлување на синоќешниот инцидент кој се случил во дискотеката „Платинум“, каде биле повредени две момчиња и една девојка, тој кратко одговори дека тие информации може да се добијат од МВР, бидејќи денес тој во Охрид бил како генерален секретар на партијата. Исто така на новинарско прашање дали СДСМ планира да постави двојазични табли низ цела територија на РМ или само во Чаир, Спасовски одговори, дека во поглед на тоа прашање јасен бил ставот на СДСМ, а тоа е дека Уставот и Законите на РМ го имаат регулирано прашањето на употреба на јазиците и тоа е рамката во која што треба да се движат.