Skip to main content

Училиштето „Ванчо Питошески“ денес го прослави својот патронен празник.

Училиштето „Ванчо Питошески“ денес го прослави својот патронен празник. Со одбележувањето на нашиот патронен празник го одбележуваме и постојаниот растеж на ова училиште, рече директорката Весела Темјаноска. Учениците задоволни од условите кои оваа образовна институција им ги нуди. Некои од нив својата иднина ја гледаат тука, анекои во странство.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Средното општинско стручно училиште „Ванчо Питошески“ денес го одбележа својот патронен празник. Директорката Весела Темјаноска во своето обраќање пред колегите и гостите кои пристигнаа на свечениот коктел рече дека чествувањето на патронот е потсетување на дел од нашето минато. Големите борци и херои како што е Ванчо Питошески треба да се споменуваат, да се чествуваат и да бидат наши водилки низ животот, додадае таа.  Со одбележувањето на нашиот патронен празник го одбележуваме и постојаниот растеж на ова училиште, подвлече директорката.

Гордост и чест е да се биде дел од овај колектив кој постојано и неуморно го гради ова училиште кое не само што образува и воспитува. Овде се создаваат компетентни стручни млади кадри, подготвени да одговорат на современите барања на угостителството и туризмот  да се вклучат и да дадат свој придонес во туристичкиот развој на Охрид и пошироко, вели Темјаноска.

Директорката зборуваше и за многубројните учества на домашни и меѓународни натпревари од каде се враќаат со голем број награди, но и со скапоцени искуства кои понатаму можат да ги применат. И денес учениците имаа подготвено разноврсна гастрономска понуда со што го одбележаа патрониот празник на училиштето. Тие се задоцволни од условите кои тоа им ги нуди и веќе јасно ја гледаат својата иднина како носители на угостителството и туризмот во градов и пошироко.


Задоволни сме од условите и понатаму се гледаме како студенти на ФТУ.  Би сакал тука да го продолжам своето образование и да го започнам својот работен век. Не би сакал да го напуштам овој град, вели еден средношколец.


Јас се надевам дека позавршувањето на средното образование со струката кувар ќе можам да се вработам некаде надвор од државата, вели еден ученик.


Јас се гледам во иднина во некој од нашите познати ресторани или хотели. Сакам да останам тука а не да заминувам во странство, вели средношколка во трета година.

Инаку, средното стручно училиште „Ванчо Питошески“ е едно од најстарите во градов, но и во регионов. Тоа беше прво вакво стручно училиште од каде произлегоа голем број познати и признати кувари, келнери и слаткари. Во последните години менаџерскиот тим води борба за запишување на што поголем број ученици бидејќи паралелките функционираат со намален број деца што е одраз на општата ситуација со наталитетот во државава.