Skip to main content

Охрид го одбележа 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба

Нека ни е честит и вековит 23 октомври, денот на Македонската револуционерна борба, на славата на идеалот и борбата за слобода. Ден, трајно врежан во македонскиот идентификациски код и колективната меморија на мекедонскиот народ, патоказ за нашата сегашност и нашата иднина. Со овие зборови пред присутните се обрати градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески на денешното одбележување за празникот 23 октомври.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Со пригодна свеченост, Општина Охрид се вклучи во одбележувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Пред присутните денес во големата општинска сала се обрати градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Во вакви пригоди, кога ги чествуваме херојствата и слободарските идеали на нашите претци, инспирирани сме и чувствуваме обврска како генарација да продолжиме по нивниот пат и да ја чуваме слободна, суверена и независна Република Македонија, истакна Бакрачески.

„Нашата отвореност, природно се надоврзува на благородната идеја на Европската унија, идејата за Обединета Европа. Таа наша отвореност е дел од визијата за европски мир, кој ја подразбира Европа како обединет и отворен простор, простор во кој има толеранција и славење на различностите. Има многу пречки на патот кон Европа, но цврсто сме уверени дека за скоро правдата и правичноста ќе бидат на нашата страна и ќе бидеме дел на големото европско семејство на кое природно му припаѓаме“.

Бакрачески истакна дека денес Македонија е демократска и правна држава која се темели врз почитување на човековите права и слободи, држава чија големина лежи и во нејзината отвореност кон сите кои живеат во неа, но и кон соседите во регионот. Додаде дека, во актуелните турбулентни времиња нашата земја и на внатрешен и на надворешен план се соочува со нови предизвици.

„Потребно е единство и истрајност за да се справиме со нив и да обезбедиме сигурна иднина и развој на нашата татковина, зошто на тоа не обврзува вековната борба за слобода на генерациите пред нас. Тоа се неизбришливи поуки и обврски на кои се посетуваме токму денес на ова чествување на 23 Октомври- Денот на Македонската револуционерна борба“.

На денешната свеченост по повод одбележувањето на 23 октомври денот на македонската револуционерна борба присуствуваа голем број граѓани. Во рамки на одбележувањето, општина Охрид имаше организирано и културно уметничка програма.

Инаку, на 23 Октомври во 1893 година, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, шестмина храбри, млади луѓе ги поставуваат темелите за слободата на македонците. Конспиративната група составена од д-р. Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев ја основаат семакедонската организација која ја нарекуваат „Македонска Револуционерна Организација“.