Skip to main content

Вреќи со градежен шут завршија на брегот и во езерските води на плажата Грашница

Вреќи со градежен шут завршија на брегот и во езерските води  на плажата Грашница

 |  Валентина Неловска  | 

Утрово во езерските води и на брегот во Грашница беа истоварени  вреќи  полни со градежен  шут. Очевидците  револтирани од ваквиот немарен однос на оние кои го растовариле отпадот тука  реагираат на ваквото  недозволено одложување на шут во  и покрај езерските води. Екипа на ТВМ веднаш по пријавата од граѓани ја посети посочената локација и констатира дека во езерските води и на брегот е довезен градежен шут. Околните жители кои веднаш до општинскиот инспекторат го пријавиле несовесното одложување на шутот, погледите ги насочуваат кон Канео. Веруваат дека потеклото на вреќите со шут се најверојатно довезени со чамец  од Канео. Тие претпоставуваат дека отпадот е истоварен  во Грашница  бидејќи жителите од Канео  со чамци носат комуналниот отпад од домовите во контенјерите кај плажата Грашница.  Загрижено се прашуваат ако овој отпад завршил тука колку ли има завршено и во езерските води? Очевидци велат на нивната пријава до комуналната инспекција, дошле инспектори за помалку од половина час. Кажуваат дека инспекторите направиле записник и се упатиле кон Канео.

ТВМ упати барање за информации  до општинскиот инспекторат за тоа  што констатирале  на терен и кои мерки ќе бидат преземени против прекршителите на Законот за јавна чистота.

„Направен е записник и е укажано на фирмата која го одложила градежниот шут дека тоа не смее да го прави. Ние не сме среќни кога се фрла шут на несоодветно место,  но во овој случај, фирмата која работи на индивидуална куќа во Канео, свесно и привремено го одложила , иако тоа не оправдување , но фирмата денес го подигнала градежниот шут“, тврди поратпаролот на ЛС Томе Џамтоски.

По ова следува прашањето каква порака  се испраќа за останатите граѓани кога градежна фирма за прекршување на законот поминува само со опомена и при тоа не и се ни спомнува името.  

„Дали е лоша или не пораката ќе речам дека се работи за фер однос на фирма која го оставила и уште денес го подигнала шутот, “вели  Џамтоски.

Нашето прашање до градежната фирма која „ферски “ расчистила по реакциите на граѓаните, е  доколку имале намера само привремено да го одложат градежниот шут, зошто не биле внимателни дел од него да не заврши и во езерските  води.