Skip to main content

СДСМ и коалицијата на митинг во Охрид

СДСМ  и коалицијата  на митинг во Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

На Триумфалната капија во Скопје ќе ставиме бројчаник за секое украдено и вратено евро, за да останат споменик за паметење, секој што ќе украде пари да ги врати, порача Зоран Заев од синоќешниот митинг во Охрид.  Пред охриѓани кои во огромен број се собраа на градскиот плоштад лидерот на СДСМ вети дека ќе биде обелоденета и  целата вистина од прислушкуваните приватни разговори.

„ Не може да бидеме држава, а да не знаеме што се случило со Никола Младенов и да не знаеме кој ги уби 4-те деца од Смилковско езеро. Не може да бидеме земја а  да се крие кој го уби Мартин Нешкоски. Не можеме да чекаме да бидеме европска земја без да ја откриеме целата вистина во Диво насеље, каде паднаа животи  на наши бранители. Ви ја ветувам вистината докрај за да остане за идните генерации дека секоја земја има обврска да ја открие вистината и правно да ја процесуира“, порача од Охрид Заев.

Радмила Шеќеринска потсети на Свети Климентовите зборови „Тргни се од злото и прави добро“, а тоа е целта и  на нашата програма да почнеме да правиме добро, доаѓаат подобри денови за Македонија, рече Шеќеринска.

„ Добија  4 мандати и овие бројки зборуваат за нивниот успех. 500.000 луѓе живеат под работ на сиромаштијата, 75.000 граѓани имаат блокирани сметки, 35.000 фирми се со блокирани  жиро сметки, 600.000 граѓани заминаа од државата. Требаше да ги погледнат  бројките и да кажат доста е. Ама за овие луѓе нема крај на алчноста и лакомоста и желба да бегаат од одговорност, казна и правда“,кажа Шеќеринска.   

Охриѓанецот Томислав Тунтев, пред своите сограѓани кажа дека Македонија е под јарем, под  ненародна власт и режим.

„Заслужуваме подобар стандард и правда за сите, институции во интерес на граѓаните. Во недела на 11 декември на гласачкото место нема да бидат 2 опции туку ќе бираме меѓу една мала криминална група, на една страна и на друга страна сите граѓани. Ќе се одлучиме за напредок или понатамошно тонење, ќе избираме живот или ропство. Сигурен сум дека ќе избереме живот, “ истакна Тунтев.  

На изборниот митинг се обрати и охриѓанката Весна Дончевска, медицинска сестра, која по 43 годишен работен стаж е суспендирана од работа, заради како што кажа пред присутните , реваншизам  на  режимскатa власт која се пресметува со неистомислениците.