Skip to main content

Во охридскиот центар за јавно здравје нема вакцини против хепатит Б за здравствените работници

Во охридскиот центар за јавно здравје нема вакцини против хепатит Б за здравствените работници.

 |  Валентина Неловска  | 

Во моментов охридските здравствени работници кои сакаат да се заштитат од хепатит  Б со вакцинирање тоа не можат да го направат. Со оваа вакцина се намалува ризикот и се заштитуваат медицинските работници од рак на црниот  дроб и болести кои може да се добијат преку контакт со заразени пациенти.

„ Ние вакцината за хепатит Б за здравствените работници ја немаме 5 -6 месеци , а редовно ја добиваме  за лицата кои се болни и се на хемодијализа и нив редовно ги вакцинираме“, информира д-р  Јованка Стурлакова Коровешоска.

Засега охридските медицинари не покажуваат некој голем интерес за да се заштитат со оваа вакцина , тврди д-р  Јованка Стурлакова Коровешоска. Само 7 лекари покажале интерес да се вакцинираат. Со новата набавка се планирани само 21 вакцина, кажува епидемилогот.

„Само една здравствена организација побара да се вакцинираат нивните вработени. Додека другите здравствени работници немаат побарано , нити во јавното нити во  приватните здравствени установи не побарале да  се вакцинираат“, напоменува  д-р  Коровешоска.
Набавката на вакцината против хепатит Б за здравствените работници се очекува на почетокот од идната година. Една доза чини 1600 денари, а сите три дози кои треба да се примат чинат 4800 денари.

Д-р  Јованка Стурлакова Коровешоска инфромира дека во Центарот за јавно здравје ги има останатите вакцини како што се против беснило, тетанус и цревен тифус.