Skip to main content

Одбележан патронот на градот и 1 100 год од упокојувањето на Св Климент Охридски

Охрид достојно го одбележа денот посветен на Патронот на градот, Св Климент Охридски. Во Центарот за култура „Григор Прличев“, вчеравечер, во присуство на бројни охриѓани и гости, се одржа свечена академија по повод 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охрид со свечена академија одбележа 1.100 години од упокојувањето на заштитникот на градот, Свети Климент Охридски. Синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, во преполнетата сала пред присутните гости, се обрати градоначалникот Никола Бакрачески. Тој истакна дека одбележувајќи 11 века под закрилата на патронот Св Климент Охридски, неговите зборови „тргај се од злото и прави добро“ се поука дека од морална одговорност нема спасение.

„Создателот на Охридската книжевна школа, Првиот словенски универзитет и јазичното ни писмо ги довика своите ученици и од „добар корен“ ги израсна во здрави фиданки чии гласови шепотат и денес во македонската колективна свест „да се надминете еден со друг со добрина! Еден од нив кој го нарекуваат Храбар, во делото „За буквите“ или „О писменех“ ќе запише: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек“ – истакна Бакрачески.

Денес, 1.100 години потоа, не смееме да го квалификуваме времето како тешко и дека нема потклекнување пред предизвиците испречени пред нас, зошто ние сме нација со борбен дух, пренесе Бакрачески.

„Нација пиреј, нација за која континуитетот е императив! Охрид со сета природна божественост и духовна големина секојдневно ме потсетува на обврските и почитта кон сите оние кои го изградија, но и на сите оние кои и денес работат за неговиот просперитет. Знам и имам верба во моите охриѓани дека сите ние заедно со безрезервно вложување на нашиот интелект, потенцијал и капацитет ќе го издигнеме Охрид во полн сјај“- додаде градоначалникот.

Бакрачески синоќа во рамки на свеченоста ги додели највисоките општински признанија, наградата Св.Климент Охридски, Патрон на Охрид која ја доби основното музичко училиште „Методи Патче“ и повелбата со која се закити младата охриѓанка, спортистката која не претстави на олимпијада во Рио Де Жанеиро, Нина Балабан.
Ми причинува голема чест што вечерва стојам пред овој почитуван аудиториум на свечената академија со која Охрид го одбележува празникот на својот заштитник, чудотворецот, духовен просветител и светец Климент Охридски, чии дела ден денес силно одекнуваат како ехо низ овој древен град, каде Св. Климент творел и го создал словото од кое се описменија многу нации, истакна директорката на музичкото училиште Емилија Маринова.

„Уште поголема е честа да се прими наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“, највисокото признание што го доделува градот, дотолку повеќе што ја примам во име на ОМУ Методи Патче, институција која повеќе од пет децении е пример за успешно работење и која достојно ја репрезентира музичката култура преку младите кои штотуку почнале да навлегуваат во тајните на музичката уметност и бројните награди и признанија што тие во контунуитет ги освојуваат на домашни и меѓународни натпревари, но и преку докажани уметници кои патот до светската слава која ја имаат денес, го почнале токму од ОМУ Методи Патче“ – изјави Маринова.

Ова признание не само што е голем успех за мене туку е успех и за сите оние кои што се дел од мојот спорт и сите кои ме поддржуваат, истакна Нина Балабан. Посебна благодарност изрази до нејзината фамилија која безрезервно ја поддржала и на која им ги должи сите нејзини досегашни успеси.

„Навистина голема чест и задоволство е да се биде дел од плејадата Климентови потомци, но уште поголема обврска е да се носи оваа повлба која за мене е уште еден поттик за понатака но и за идните генерации кои треба да го следат нашиот пат“ – кажа Балабан.

Свечената академија во чест на Свети Климент Охридски, патронот на Охрид заврши со настап на Македонскиот камерен оркестар, проследен со видео анимации и хорот и рецитаторите од ОСУ „Св. Климент Охридски“.